Францускиот актер Депардје и писателот Уелбек под истрага за сексуален напад


Париз – Француската полиција истражува наводи дека актерот Жерар Депардје и писателот Мишел Уелбек извршиле групно силување и напад врз една жена за време на снимање филм во 2018 година.

Наводниот напад се случил во декември 2018 година, за време на снимањето на филмот „Таласо“ (Thalasso), во кој двајцата играат верзии од самите себеси. Во филмот, тие се среќаваат во бањски центар и водат долги филозофски разговори, облечени во бели бањарки.

Два извори кои го следат случајот во петокот за агенцијата Франс прес (AFP) потврдија дека е во тек полициска истрага.

Истражувачкиот портал „Медиапарт“ (Mediapart) оваа недела објави дека една актерка, која го користи псевдонимот Александра, поднела пријава во полицијата во 2025 година.

Александра, актерка и танчерка од Источна Европа која во тоа време имала 32 години и работела во Франција, изјавила за „Медиапарт“ дека била нападната од Депардје и Уелбек, кои ја притиснале и оневозможиле да се движи за време на една сцена, додека камерите снимале.

Според „Медиапарт“, Александра опишала дека била „во состојба на вкочанетост и отуѓеност“. Во полициската пријава таа зборувала за „длабоко понижување“ и „неопислив срам“.

Режисерот на филмот, Гијом Никлу, е обвинет за соучесништво во сексуалното злоставување, пренесува AFP.

Никлу изјавил за „Медиапарт“ дека во моментот на снимањето не „забележал никаква принуда“, но сепак ѝ се „извинил“ на Александра.

Адвокатите на Александра не одговорија на барањето за коментар од весникот „Гардијан“. Адвокатите на Депардје, исто така, не одговорија на барањето за коментар. „Гардијан“ стапи во контакт и со издавачите на Уелбек, но тие не одговорија.

Оваа недела, 77-годишниот Депардје се откажа од жалбата против пресудата од 2025 година, со која беше прогласен за виновен за сексуален напад врз две жени на друг филмски сет во 2021 година, и им се извини на жртвите. На судењето минатата година, Депардје беше прогласен за виновен за сексуален напад врз 55-годишна сценографка и 35-годишна помошничка на режисерот, за време на снимањето на играниот филм „Les Volets Verts“ („Зелените капаци“) во Париз, во септември 2021 година. Неговата условна казна останува на сила, а неговото име е внесено во францускиот регистар на сторители на сексуални престапи.

По извинувањето на Депардје оваа недела, помошничката на режисерот, која била жртва на неговиот сексуален напад, изјави: „Филмското чудовиште падна“.

Осудата на Депардје минатата година претставуваше пресвртница за движењето #MeToo во Франција. Тој стана најзначајната личност во француската филмска индустрија која е осудена за сексуален напад, по години критики упатени кон земјата поради нејзината неподготвеност сериозно да ги разгледа тврдењата на жените за злоставување.

Тој поднесе жалба на посебна одлука според која треба да се соочи со судење по обвиненија за силување и сексуален напад врз актерката Шарлот Арну, во неговиот дом во Париз во 2018 година. Апелационите судии овој месец ќе одлучат дали ќе ја прифатат неговата жалба или ќе дозволат судењето да продолжи следната година.

Во отворено писмо до весникот „Ле Фигаро“ во октомври 2023 година, Депардје ги отфрли сите обвинувања, тврдејќи дека секоја средба со Арну била доброволна. „Никогаш, ама баш никогаш, не сум злоставувал жена“, напиша тој.

Уелбек (70), еден од најпреведуваните француски автори, исто така е под истрага поради наводно поттикнување дискриминација во Франција, по повод коментарите што ги дал во 2022 година во врска со муслиманите. (Гардијан)