Филипче го повика амбасадорот Рокас да помогне за уставните измени
Претседателката Сиљановска вели дека секој што ќе тврди дека се работи само за уставни измени не е искрен. И пак ги повтори старите ставови
Нема промени на сцената, а Македонија не е ни чекор поблиску до ЕУ.
Така изгледаат во овој момент македонските аспирации кон Европската унија, а ним и денеска ги остави статични претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Откако вчера албанскиот премиер Еди Рама го убедуваше неговиот македонски колега Христијан Мицкоски, дека Тирана нема да стави вето на Скопје ако побрзо влезе во ЕУ, Сиљановска денеска ги повтгори своите познати ставови преку кои може да се заклучи дека години и години треба да поминат за Македонија да ги почне преговорите со Унијата.
Таа всушност ги потцрта македонските барања кои ја оставаат државава надвор од македонскиот пат.
„Секој што ќе тврди дека се работи само за уставни измени, сметам дека не е искрен. Или има намера, или нема желба да ја разбере позадината на нашата загриженост. Мојата порака кон сите наши соседи е дека добрососедските односи мора да бидат мост кон ЕУ, а не инструмент за неодредено одложување на европската перспектива на соседот“, рече Сиљановска во обраќањето на заедничката седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, на кој се дебатира за извештајот на ЕК за Македонија за 2026 година.
Таа истакна неколку димензии кои, според неа, се важни за напредокот на Македонија кон ЕУ: недоволна предвидливост на понатамошниот процес на пристапување кон Унијата, недоволно јасна граница меѓу критериумите за членство и билатералните политички прашања и отсуство на доволно институционални гаранции дека исполнувањето на договорените услови ќе овозможи реален напредок во преговорите.
И потоа ги повтори познатите ставови за кои нема никаков напредок последниве две и пол години: „Ништо досега не нè поколебало да останеме на европскиот пат и ништо нема да нè поколеба. Нашата цел останува истата – полноправно членство во Европската унија. Ние не бараме привилегии, не бараме посебен третман, не бараме пониски стандарди. Бараме доследна примена на европските правила, принципи и вредности, еднаквост, правна сигурност и пристапување засновано врз заслуги“.
Таа очекува дека ЕУ ќе биде „објективен брокер да стави јасно до знаење преку стриктни правила дека билатералните прашања што не се поврзани со критериумите за пристапување не треба да бидат дел од преговорите и дека тој принцип мора да има реална институционална примена, а не да остане само како декларација, како за другите, така и за нас“.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, имаше поинакви пораки од седницата на која беше присутен и амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас. Филипче како претседател на Националниот совет за евроинтеграции го повика евроамбасадорот Рокас да помогне во интерес на граѓаните и европската иднина на земјата. Тој рече дека на Македонија ѝ е потребна помош од ЕУ во соочувањето со пропагандата со која власта со години ги претставува чекорите кон членство во ЕУ како предавство.
„И сега ќе го повикам тука на помош и можеби да коментира во даден момент кога ќе сака евроамбасадорот Рокас. По примерот на претседателката Фон дер Лајен којашто кажа дека нас нѐ чекаат во Европа со нашиот идентитет и јазик. Зарем не е тоа најдобар и најголем сигнал дека тврдењата на оваа власт изминативе години дека сѐ што направи СДСМ е предавничка политика, практично паѓаат во вода“, рече Филипче.
Тој додаде:
„Зошто никој не зборува за Европа? Па затоа што синоним за Европа стана предавство благодарение на оваа пропаганда. Чекај, да не зборувам, ќе ме направат предавник. Зошто? Затоа што виткам кичма“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ му се обрати на амбасадорот Рокас идиректно полемизирајќи со Сиљановска и нејзините искази за уставните промени.
„Предавничка ли е, амбасадоре, тоа што треба да се случи? Има ли предавство зад уставните измени или нема? Треба помош од вас? Насмни треба, на државата ѝ треба, на граѓаните, на Европска унија ѝ треба помош“, рече Филипче.
Сиљановска наведе дека е добро што во извештајот на ЕК нема констатирано уназадување. Но нагласи дека „ова темпо на констатиран напредок не е доволно за да го одржиме долго одржуваното високо место на усогласеност со правото на ЕУ споредено со другите земји во регионот“.
И во поглавја каде со години компаративно сме понапред, додаде таа, како на пример безбедноста на храната и Царинската унија, сега е констатиран ограничен напредок. Во кластерот Внатрешен пазар, усогласеноста останува на исто ниво години со ред, напредокот стагнира. „Клучниот кластер Темели, за разлика од минатата година, има напредок, иако ограничен во областа на правосудството. Меѓутоа, не се констатира напредок во корупцијата и јавните набавки. Забележан е ограничен напредок во правда, слобода и безбедност, исто така област во која имавме предности, и јавната финансиска контрола, а остануваат слабости во некоии области на имплемнентација на темелните права. Наназад, констатираното ниво на усогласеност сепак можеме да кажеме дека е бавно, исто како и напредокот, а некои од препораките се повторуваат – истакна претседателката.
Посебно внимание, според неа, заслужуваат хроничните слабости како недостаток на капацитети изразени во користење на средствата во ЕУ, за што сериозно треба да размислиме; потребата од зајакнување на независните тела; координацијата на политиките меѓу институциите, бидејќи државата треба да функционира како систем.
Сиљановска-Давкова нагласи дека не треба да нѐ демотивира фактот дека не бевме меѓу оние четири земји за кои беа објавени патокази. „Очекуваме, или јас очекувам, дека во пристапниот процес ќе се почитува нешто на што се повикуваа сите претходно – зборувам за Преспанскиот договор – и дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик на ЕУ кога државата ќе стане членка“, истакна претседателката.
„Наша задача како избрани од граѓаните е да ги браниме државните интереси. Истовремено, се разбира, не смееме да ја заборавиме европската цел и европската агенда. Императив да го сочуваме капацитетот на реформи е за мене и да не ја губиме енергијата на наметнати теми, односно враќање кон историјата“, нагласи Сиљановска-Давкова.
Филипче оцени дека извештајот на Европската комисија е катастрофален и укажа на отсуството на напредок во правосудството, борбата против корупцијата, изборното законодавство и медиумите. Тој посочи дека Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија имаат јасен патоказ за следните чекори кон ЕУ, додека Македонија, која беше во пар со Албанија, остана надвор од таа група.
„Национално предавство ли е? Или е само една силна лажна кампања со цел да се држи земјава во изолација, додека цел регион оди напред, а ние гледаме како го пропуштаме можеби и последниот воз“, праша Филипче.