Мајли Сајрус се омажи по втор пат за рокер
Палм Спрингс – Мајли Сајрус се омажи викендов за Макс Морандо покрај базен во Палм Спрингс, а церемонијата ја водеше Вејн Којн од групата „The Flaming Lips“.

Сајрус (33) и Морандо (28) стапија во брак пред тесен круг семејство и пријатели, под импресивен лак украсен со бело цвеќе и свеќи. Сајрус носеше долг бел свилен фустан на Ив Сен Лоран со драперии, долги ракави, длабоко исечен грб и долг шлеп, искомбиниран со бели чевли со штикла и опуштена фризура. Морандо носеше едноставен црн костум со цвет на реверот. На фотографиите се гледа како Сајрус широко се насмевнува, но и брише солзи додека Морандо ги изговара своите брачни завети. Гостите беа облечени во елегантни црни комбинации.

На свадбата присуствуваа мајката на Сајрус, Тиш Сајрус, со нејзиниот партнер Доминик Персел; татко ѝ Били Реј со неговата партнерка Елизабет Харли; како и нејзината сестра Ноа. Според информациите, парот претходниот ден одржал проба за свадбената церемонија.

Двојката е заедно пет години, а се свршија во 2025 година. Сајрус претходно откри дека првпат се запознале на „состанок на слепо“. „Па, за мене беше ’на слепо‘, но не и за него“, изјави таа за британскиот „Вог“. „Си помислив: ’Најлошото што може да се случи е едноставно да си заминам‘.“ За првпат како пар се појавија на црвениот тепих на ревијата „Love Parade“ на „Гучи“ во ноември 2021 година.
Морандо ја побара за жена пејачката на хитот „Flowers“ за време на одмор во Јапан, по повод нејзиниот 33-ти роденден. „Не е лесно да ме изненадиш“, призна таа во емисијата „Good Morning America“ откако се дозна за свршувачката. „Сакам да имам контрола врз секоја ситуација. Но, овој пат целосно се препуштив. Ви кажувам, бев толку, толку, толку изненадена.“
Нејзиниот свршенички прстен, дело на дизајнерката Џеки Ајш, се состои од камен со „перничест“ (cushion) рез поставен на дебел обрач од 14-каратно жолто злато. Прстенот е изработен специјално за парот – инспириран од винтиџ стилот, романтичен и елегантен. Морандо е тапанар во рок-бендот „Liily“ (кои настапија во новогодишната специјална емисија на Сајрус на NBC во 2022 година), а исто така е и текстописец и продуцент. Двајцата имаат соработувано на повеќе проекти, вклучувајќи го албумот на Сајрус од 2023 година, „Endless Summer Vacation“, како и нејзиниот визуелен албум од 2025 година, „Something Beautiful“. Минатиот месец, парот изведе дует – песната „Let’s Get Married“ на Сајрус – на сцената на „Холивуд боул“.
Ова е втор брак за поп-ѕвездата. Претходно беше мажена за актерот Лијам Хемсворт.