Тошковски најави електронски алки за следење на насилниците, аларм за жртвата
Жените, мајките и ќерките мора да се чувствуваат најбезбедно во сопствениот дом, а институциите имаат обврска да преземат сè што е во нивна моќ за да ја гарантираат нивната заштита. Ова го истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за телевизија Сител, најавувајќи дека до Собранието е поднесено ново законско решение за спречување и заштита од семејно насилство, со кое се предвидува и можност за употреба на електронски алки за следење на насилниците.
Тошковски информираше дека на подготовката на законското решение се работело интензивно повеќе од пет до шест месеци, во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, невладини организации, експерти, универзитетски професори, обвинители и судии.
„Верувајте ми, ова законско решение нема да ја реши состојбата со семејното насилство, но гарантирам дека ќе даде подобри резултати од оние што ги имаме сега“, изјави Тошковски.
Според министерот, предложените измени ќе овозможат побрза полициска интервенција и ќе ги зајакнат механизмите за институционално постапување во случаи на семејно насилство. Една од новините е и можноста за примена на електронски алки за следење на осомничени лица, како и на лица за кои судот ќе донесе соодветна одлука.
Тој изрази очекување дека пратениците ќе го усвојат законското решение во најкраток можен рок.
Осврнувајќи се на зголемениот број пријави за семејно насилство, Тошковски рече дека ја разбира загриженоста во јавноста, но посочи дека на статистичките показатели влијаат и законските измени, како и зголемената подготвеност на жртвите да го пријават насилството.
Како што објасни, по измените на Кривичниот законик, со кои телесната повреда во рамките на семејството претставува основа за постапување по службена должност, бројот на кривичните постапки во текот на оваа година е зголемен за околу 50 проценти во споредба со претходната година.
Дополнително, Тошковски посочи дека во 2026 година е забележан раст од 270 проценти на изречените мерки притвор поврзани со семејно насилство. Според податоците што ги презентираше, 163 лица се наоѓаат или во текот на годината биле во притвор за кривични дела поврзани со овој вид насилство.
„Факт е дека пријавите во Министерството за внатрешни работи оваа година се далеку побројни отколку претходно. Јас сакам да верувам дека тоа е така затоа што жртвите се охрабрија да пријавуваат, гледајќи партнер во рамките на Министерството за внатрешни работи како институција“, рече Тошковски.
Тој додаде дека статистичките показатели, според неговата оценка, упатуваат и на подобрување на полициското постапување, зголемен број кривични пријави, поквалитетни процени на ризик и почесто поведување итни постапки.
Во однос на прашањето дали зголемениот број пријави значи и зголемување на реалниот број случаи на семејно насилство, министерот ја посочи споредбата со 2022 година. Според него, бројот на смртни случаи поврзани со семејно насилство во 2026 година изнесува седум, исто колку и во 2022 година.
Во интервјуто Тошковски се осврна и на критиките упатени кон Министерството за внатрешни работи по трагичните случаи на семејно насилство, особено по убиството на 17-годишната девојка од Богданци. Тој оцени дека ваквите трагедии во изминатиот период биле предмет на политички злоупотреби.
„Морам да ги осудам политичките злоупотреби што очигледно се прават во изминатиов период на сметка на трагичните случаи што ни се случуваат. Фактичката состојба е таа, ја кажав“, изјави министерот.
Тој посочи дека вкупниот број убиства во земјава, заклучно со октомври, е најнизок во последните шест години, иако бројот на убиства поврзани со семејно насилство и понатаму предизвикува загриженост во јавноста.
Одговарајќи на прашањето дали дел од очекуваните 10 милиони евра годишни приходи од сообраќајни казни би можеле да се искористат за набавка и примена на електронските алки, Тошковски рече дека таква можност постои.
Тој појасни дека 25 проценти од вкупните средства што се собираат во рамките на Министерството се слеваат во буџетот на МВР и се наменети за активности поврзани со безбедноста. Според него, овие средства, покрај за безбедноста во сообраќајот, би можеле да се користат и за мерки за заштита на жртвите од семејно насилство.
„Мораме да сториме сè. Дали треба да имплементираме ново законско решение – апсолутно да. Но мора да бидеме свесни дека ниту една законска измена сама по себе нема целосно да го искорени семејното насилство. Она што можеме да го направиме е да создадеме подобри услови за побрза и поефикасна реакција на институциите“, истакна Тошковски.