Пет станбени згради во Скопје повеќе од 19 часа без струја: Без греење, без лифт – жителите револтирани


 

Пет станбени згради во Скопје, кај „Мерцедес“ на улицата „Индустриска 1“, повеќе од 19 часа се без електрична енергија. Прекинот започнал вчера околу 13 часот, а жителите и утрово се без струја, без прецизна информација кога ќе биде отстранет дефектот.

Според жителите, проблемот бил пријавен во ЕВН веднаш по прекинот во средата, 11 ноември. И покрај тоа, интервенцијата се одвивала бавно, а во текот на денот добивале различни информации за причините за дефектот и времето потребно за негово отстранување.

Во 17,30 часот, четири и пол часа по прекинот, од контакт-центарот на ЕВН на една од станарките ѝ било соопштено дека сè уште се бара специјализирано мерно возило за лоцирање на оштетениот кабел.

Мерното возило пристигнало околу 18,20 часот, по што започнало лоцирањето на дефектот и ископувањето. Иако првичните информации биле дека снабдувањето ќе се нормализира околу 21 или 22 часот, тоа не се случило.

Во текот на ноќта било соопштено дека е откриен дополнителен дефект и дека нова екипа ќе ја продолжи санацијата следното утро.

Повеќечасовниот прекин предизвикал сериозни проблеми за станарите. Дел од домаќинствата останале без греење, лифтовите не функционираат. Особено загрижува состојбата на семејствата со бебиња и мали деца, како и на повозрасните жители.

Станарите се дополнително револтирани и поради недостигот на информации. На официјалната интернет-страница на Електродистрибуција за прекини во снабдувањето не е пронајдено известување за конкретниот дефект.

Жителите бараат официјално објаснување зошто интервенцијата трае толку долго, кога ќе биде воспоставено нормалното снабдување и дали можело да се реагира побрзо.

Заклучно со утринските часови во четврток, 12 ноември, петте станбени згради сè уште се без електрична енергија.