Вучиќ призна пораз: „Овие избори ги изгубивме“

Студентската листа ќе има меѓу 135 и 140 пратеници, додека СНС околу 105. Другите пратеници одат за малцинските листи


Првиот пораз на Александар Вучиќ на некои избори: Фотографија снимена додека чекаше во редот да гласа

 

Носителот на изборната листа „Обединета Србија“ – Александар Вучиќ вечерва во 21,30 часот се појави во седиштето на Српската напредна партија и призна дека ги изгубил изборите. Тоа е првиот пораз на Вучиќ на сите избори од 2012 година досега. Ова е тектонска промена во Србија, која ќе има реперкусии и во целиот регион. Неговиот пад е вториот во низа на авторитарни лидери во поширокиот регион – по големиот пораз на Виктор Орбан на изборите во април во Унгарија. 

Според него, Студентската листа освоила меѓу 135 и 140 мандати, додека неговата партија околу 105. Другите места во парламентот од 250 члена одат за малцинствата. Вучиќ рече дека ниедна друга листа не успеала да го помине цензусот и да влезе во парламентот. Тоа значи дека СПС на Ивица Дачиќ и листата „Европска Србија“ пропаднаа во пресметката меѓу двете главни кандидатски листи.

Вучиќ рече дека СНС освоила околу 1,7 милиони гласови додека Студентската листа 2,2 милиони гласови.  Резултатот на СНС е во рамките на она што го освојуваше на претходните избори, додека Студентската листа успеа да мотивира многу повеќе луѓе кои досега не беа мотивирани да излезат на изборите. Александар Вучиќ заминува од власта по 14 години во кои беше министер, вицепремиер, премиер и претседател на државата.

Според изворите на Ипсос и Цесид Студентската листа освоила 52 отсто од гласовите, додека СНС 39 проценти. 

Излезноста на изборите беше огромна, околу 70 отсто, иако досега нема официјални резултати. Според толкувањата на српските аналитичари иако на избирачкиот список има 6,45 милиони гласачи реално во Србија живеат околу 5,4 милиони гласачи, што значи дека реалната излезност е 82 отсто, што е навистина неверојатна бројка.

Оваа победа на Студентската листа е финале на еден неверојатен потфат на младите луѓе на Србија кои излегоа на протести пред речиси две години по падот на настрешницата во Нови Сад во која загинаа 16 лица. Нивниот марш кон победата траеше неверојатно долго и ги помина сите места низ Србија. Студентите одеа пешки, на велосипеди, на мотори и успеаја до допрат до речиси секое место во Србија за да им кажат на луѓето дека на земјата ѝ треба нов почеток и конечно да почне борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Можеби најважно беше што во големите градови како Нови Сад, Белград и Ниш излезноста беше над 73 отсто и тие гласови беа меѓу клучните за големата победа на Студентската листа.

На улиците на Белград се собираат многу луѓе кои во неверување и еуфорија ги слушаат вестите дека „Вучиќ падна“.