До 12 часот на претседателските избори во Бугарија гласале едвај 5,8 отсто од избирачите


До 12 часот, одѕивот на претседателските избори во Бугарија изнесува 5,8 проценти или на гласање излегле 385.092 гласачи, соопшти портпаролката на Централната изборна комисија, Стојанка Балова.

Најголем одѕив е регистриран во Видин, 8,12 проценти, а најнизок од 2,56 отсто во Крџали. До ЦИК до пладне пристигнале и 13 приговори, од кои четири за нарушување на процесот на гласање, а три за предизборна агитација.
Пријавени се и проблеми од различна природа на вкупно 20 машини за гласање.

Избирачките места се отворија во 7 часот по локално време, а гласањето треба да заврши во 20 часот. Доколку пред избирачките места има граѓани кои чекаат да го остварат своето право на глас, изборниот ден може да биде продолжен најдоцна до 21 часот.

Во меѓувреме, според податоците на агенцијата „Мера“ излезноста на претседателските избори до 13 часот достигнала 11,3 отсто.

Според податоците од анкетите спроведени пред избирачките места од страна на агенцијата „Тренд“ до 14 часот излезноста изнесува 13,4 проценти.

Право на гласање на претседателските избори имаат 6,59 милиони граѓани кои треба да изберат нов претседател и потпретседател на државата од рекордни 27 кандидатски двојки.

Меѓу најистакнатите кандидатски двојки се актуелната претседателка Илијана Јотова со кандидатот за потпретседател Кирил Валчев, Андреј Ѓуров и Георги Кандев, како и Костадин Костадинов и Петар Волгин, Радослав Василев и Красимир Манов, Иван Христанов и Стојанка Черкезова…

Првите резултати од излезните анкети се очекуваат вечерва по 20 часот, а официјалните резултати од првиот круг Централната изборна комисија (ЦИК) треба да ги објави до 27 октомври.