Вучиќ по чекање од два часа за гласање: Ако изгубам, ќе признаам!
Носителот на изборната листа „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ по гласањето во Нов Белград даваше изјава, а дел од хрватските новинари поставија прашања кои предизвикаа остра реакција и тешки зборови од довчерашниот српски претседател, пренесе „Индекс“.
„Почекајте вие, хрватските новинари, ова се српски, а не хрватски избори, стрпете се малку“, рече Вучиќ. Додаде дека Хрватска треба да покаже поголема почит кон Србија. На прашањето на хрватските новинари да наведе конкретен пример за мешање на Хрватска во српските избори, не наведе ниту еден случај и ги нападна генерално хрватските медиуми, наведувајќи дека „лагите“ кои ги кажуваат се „полоши од оние што ги кажуваат на ‘Н1’ и ‘Нова’“ во Србија.
„Доволно е да отворите кој било весник, портал, телевизија… Ако вие не гледате, имате друг проблем, а тој не е поврзан со доказите, туку со тоа дали гледате добро и дали знаете да читате“, одговори тој.
Вучиќ дојде на гласање со сопругата Тамара, а поради големата гужва на избирачкото место, чекал околу два часа. По гласањето рече дека ќе го прифати изборниот резултат без оглед на исходот.
„Како што секогаш сум велел, на изборите можете да победите и да изгубите. Ние секогаш ќе се однесуваме одговорно, ако изгубиме, ќе ја признаеме волјата на избирачите, ако победиме, никој нема да ни ја одземе победата и тоа е сè“, рече тој.
Вучиќ, кој е на власт 14 години, додаде: „Србија денес избира во која насока ќе оди, дали во иднината или во минатото, во времето на грабежните приватизации, економското разорување на земјата, политичкото понижување и на нацијата и на целата држава“.