Само 2 отсто од граѓаните гласале до 9 часот Во Бугарија


Ниска излезност е регистрирана во првите два часа од претседателските избори во Бугарија. Според податоците на социолошката агенција „Алфа рисрч“, до 9 часот утрово гласале нешто повеќе од два отсто од избирачите, што претставува значително помал интерес во споредба со претходните изборни циклуси.

Ова во изјава за Бугарското национално радио (БНР) го соопшти Геновева Петрова од агенцијата „Алфа рисрч“, посочувајќи дека почетната излезност е пониска не само во споредба со парламентарните избори од април годинава, туку и во однос на првиот круг од претседателските избори во 2021 година, објави 4news.mk

„Во споредба со претходните избори, ова значи навистина значително пониска излезност во овој момент, особено во споредба со изборите што ги имавме во април, но и со првиот круг од последните претседателски избори во 2021 година“, изјави Петрова.

Според неа, Софија е меѓу местата каде што во утринските часови е забележана нешто повисока излезност.

Од друга страна, во регионите каде што традиционално се регистрира поголем интерес за гласање, утрово излезноста е дури и под националниот просек.

Првичните податоци на другата социолошка агенција, „Мјара“, покажуваат излезност од 2,4 отсто до 9 часот.

Петрова очекува изборниот ден да помине мирно и без поголеми организациски проблеми, објави 4news.mk

Денешните претседателски избори во Бугарија се одржуваат во услови на намален интерес кај гласачите, на што социолошките агенции предупредуваа и во текот на предизборната кампања.

Бугарските граѓани денеска избираат нов претседател и потпретседател, а доколку ниту еден кандидат не ги исполни условите за победа во првиот круг, ќе се одржи втор круг на гласање.