Израел ќе го затвори окупираниот Западен Брег за време на изборите во вторник


Израелската армија соопшти дека ќе воведе забрана за движење на Палестинците во окупираниот Западен Брег за време на парламентарните избори во вторник, објави ДПА.

Покрај тоа, на палестинските работници денеска и утре ќе им биде забрането да влегуваат во израелските населби во Западниот Брег и долината на Јордан, освен во индустриските зони и „ограничен број“ во други одобрени сектори.

Сите копнени премини меѓу Западниот Брег и Израел ќе бидат затворени за Палестинците на денот на изборите.

Мерките доаѓаат во време на тековната израелска воена операција на Западниот Брег откако палестинските напаѓачи убија двајца израелски војници и ранија уште тројца во петокот во близина на градот Хеброн. Двајцата Палестинци кои го извршија нападот исто така беа убиени.

Во меѓувреме, израелскиот министер за одбрана Израел Кац потврди дека околу 2.000 Палестинци биле протерани од своите домови во Хеброн. Тој изјави за израелската телевизија дека нема да им биде дозволено да се вратат „сè додека не ги решиме сите проблеми со Хамас во Хеброн“.

Израелската војска, исто така, соопшти дека околу 40 осомничени, вклучувајќи членови на Хамас и Исламски џихад, се приведени во антитерористички операции на Западниот Брег.