Почина јапонскиот писател Рју Мураками, познат по истражувањето на темната страна на луѓето


Јапонскиот писател, сценарист и режисер Рју Мураками, чии дела ја истражуваат темната страна на човечката природа, отуѓеноста, насилството, субкултурата, злоупотребата на дрога и современото јапонско општество, почина на 74-годишна возраст, објави неговиот издавач во петокот.

„Длабоко сме натажени од веста за смртта на Рју Мураками, кој неуморно објавуваше провокативни дела насочени кон помладата публика во текот на целата своја кариера“, соопшти издавачката куќа „Гентоша“.

Меѓу неговите најпознати дела е неговиот прв роман „Сина, речиси транспарентна“, кој го прикажа падот на бунтовната младина потопена во дрога и секс и му ја донесе наградата Акутагава, една од најпрестижните книжевни награди во Јапонија, во 1976 година.

Друг симболичен роман, „Бебиња од шкафчиња“ од 1980 година, ги прикажа разурнатите животи на децата напуштени во шкафчињата на железничката станица, раскажувајќи за нивната потрага по идентитет меѓу отпадниците од подземјето на Токио, особено светот на проституцијата.

„Мисо супа“ (1997), ги опишува талкањата на туристите во квартот со црвени фенери во јапонската престолнина. Помеланхоличниот роман „Хотел Рафлс“ (1989) ги собра ликовите во емоционални превирања во познатата колонијална зграда на Сингапур.

„Се молиме за покој на душата на Мураками, кој го живееше животот со вртоглава брзина и беше вистински пионер на своето време“, се вели во соопштението на Гентош.