Претседателката Сиљановска-Давкова по повод 23 Октомври: Почит на генерациите кои ги поставиле темелите на македонската држава


Фото: Б. Грданоски

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во честитка по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба порачува дека не може да се говори за ослободувањето на татковината и за државноста без да се оддаде почит на генерациите кои ги поставиле темелите на македонската држава.

Во честитката, Сиљановска-Давкова истакнува дека партизаните и нивните потомци со право се повикуваат на Илинденското востание и на комитите, нагласувајќи дека саможртвата на оние кои се бореле за национална држава не смее да биде занемарена.

-Партизаните и ние, нивните потомци, не случајно се повикуваме на Илинденското востание и на комититите. Впрочем, не можеме да говориме за ослободувањето на татковината, а да ја премолчиме или да ја занемариме саможртвата на оние што со натчовечки напор се обиделе, но не успеале да го остварат сонот за национална држава.  Не можеме да ја чествуваме државноста, а да ја заборавиме пожртвуваноста на поколенијата што ги удриле нејзините темели и ги вградиле животите во нив, наведува Сиљановска-Давкова, додавајќи дека разбирањето на сегашноста е невозможно без познавање и почитување на идеалите и историските чекори преку кои се формирала македонската национална самосвест.

Токму затоа, нагласува Сиљановска-Давкова, 23 Октомври има особено место во македонската историја.

-Со основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година, најсвесните македонски дејци ја преточиле вековната жед и желба за слобода во организирано дело, а стремежот кон самобитност во решителна битка на смрт за сопствена држава. Во бурните историски времиња и тешки околности, водени од македонскиот непокор и од насушната потреба од пристоен човечки живот, тие го трасирале патот на македонската револуционерна борба – посочува Сиљановска-Давкова.

Според Сиљановска-Давкова, чествувањето на делото на револуционерите има смисла само доколку се негуваат вредностите за кои тие се бореле, а нивните идеали се преточуваат во праведност, солидарност и посветеност на општото добро.

-Пиететот кон предците има смисла само кога нивните високи и благородни идеали ги преточуваме во праведност, солидарност и посветеност на општото добро. Историското завештание не е само причина за гордост, туку и морална обврска да ја унапредуваме државата, да го штитиме човечкото достоинство и да создаваме општество во кое правото, правдата и моралот ќе бидат не само темелни вредности, туку и реалност. Ако револуционерниот порив некогаш се потврдувал со себежртвување за високи национални цели, денес се докажува со одлучно и чесно работење, интелектуална смелост и решителност за нужни реформи – вели Сиљановска-Давкова.

Државата, посочува Сиљановска-Давкова, повторно е пред историски испит и сегашните генерации имаат обврска да го продолжат стремежот на претходниците за просперитетна македонска држава.

-Повторно сме пред историски испит во ова време-невреме, да го продолжиме стремежот на претходниците за просперитетна македонска држава. Нашиот долг кон предците е да го чествуваме споменот за нив, оддавајќи им должно признание, кон современиците да постапуваме со одговорност кон надлежностите и работните обврски, а кон идните поколенија – како гарантори на нивната сигурна иднина. Нека ни е честит и вековит 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба – порачува во честитката Гордана Сиљановска-Давкова.