Еден Хрват исчезнат, друг повреден, на бродот имало и Босанец: Нападнат танкер во Црното Море


Хрватски морнар, офицер на палубата, е исчезнат по нападот со беспилотно летало врз танкерот „Вајн Трејдер“ во Црното Море, а дури и една недела по инцидентот нема нови информации за него, бидејќи спасувачките екипи сè уште не можат да влезат во внатрешноста на бродот поради сериозни оштетувања.

Нападот се случил на 15 октомври во раните утрински часови, пред зори, а директно бил погоден долниот дел од бродот, каде што се наоѓале кабините за екипажот. Исчезнатиот хрватски морнар и шест морнари од Бенин, чија судбина е исто така непозната, спиеле токму на тоа место, дознава Вечерњи лист.

Екипажот на танкерот се состоел од вкупно 12 лица: двајца државјани на Хрватска, еден државјанин на Босна и Херцеговина и девет државјани на Бенин. Животите на преживеаните биле спасени со фактот дека биле на стража во моментот на ударот или спиеле во горните, неоштетени делови од бродот.

Вториот хрватски морнар кој бил на танкерот претрпел површински изгореници, но по добивањето на медицинска помош, бил пуштен од болница и моментално престојува во хотел.

Исчезнувањето на хрватскиот офицер го потврдил Адриан Михалчоу, претседател на Романскиот синдикат на слободни морнари и инспектор на Меѓународната федерација на транспортни работници (ITF). Михалчоу е во постојан контакт со Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кое ги координира активностите со романските власти. Тој исто така изјави дека анализата на достапните сателитски снимки и информациите објавени од руската страна укажува дека танкерот бил погоден од руските сили.