Данска купува проектили со долг дострел, Русија со предупредување до Копенхаген


 Данска денеска соопшти дека договорила купување на првите прецизни проектили со долг дострел, со цел да ја зајакне безбедноста и да ја одврати руската агресија врз Европа.

Данскиот министер за одбрана Јепе Брус изјави дека новите ракетни системи ќе ги зголемат капацитетите на Данска и ќе ѝ овозможат да напаѓа „зад непријателските линии“ во случај на напад.

– Се наоѓаме во сериозна и се полоша безбедносна ситуација и затоа ја зајакнуваме нашата одбрана и нашата борбена моќ, наведе Брус.

Данска ќе купи ракети „Антем“ од американската одбранбена компанија „Ковенант“, кои се произведуваат во Германија, и ракети „Џоинт Страјк Мисилл“ за своите борбени авиони „Ф-35“, кои ги произведува норвешкиот „Конгсберг“.

Брус не прецизира колку ракети ќе бидат купени и колку ќе чинат.

Амбасадата на Русија во Копенхаген соопшти дека ракетната политика на Данска е насочена кон конфронтација со Москва и предупреди на „неизбежни катастрофални последици“.

– Копенхаген е маѓепсан од опасни илузии дека купувањето офанзивно, високопрецизно, оружје со долг дострел со цел создавање воена закана кон една нуклеарна сила ќе помогне во зајакнувањето на безбедноста и одбраната на Данска, се наведува во соопштението на Руската амбасада.