Протестите во Албанија продолжуваат пред премиерската канцеларија


 Протестот во Тирана попладнево продолжува пред канцеларијата на премиерот Еди Рама. Демонстратите, студенти, нивни професори и граѓани најнапред утрово се обидоа да дојдат до Парламентот, но полицијата имаше поставено силни блокади поддржани со воден топ во позадина што го оневозможи тоа, јави известувачот на МИА од Тирана. 

Во еден момент блокадата беше тргната, но сепак демонстрантите не дојдоа до Парламентот. Откако ситуацијата се смири, а Парламентот ја прекина седницата по тепачката меѓу пратениците на власта и опозицијата, маршот продолжи кон канцеларијата на Рама. 

Протестот во претпладневните часови се одвиваше мирно и без инциденти, во споредба со првите седум дена. Бројот на учесници на протестите денеска и вчера е помалуброен, но дел од нив велат дека по 14 часот им се приклучуваат повеќе истомисленици. 

И претпладнево беа повторени барањата за оставка од Рама, но и на опозицискиот лидер Сали Бериша, а Парламентот беше нарекуван криминален. 

Некои од граѓаните со кои разговараше екипата на МИА велат дека ова не е само политички протест или само студентски туку и поради високите цени за живот, малите плати, неможноста да си дозволат соодветна здравствена услуга и друго. 

Освен во центарот на градот и околината на Парламентот, во останатите делови на Тирана животот тече вообичаено. Дуќанџиите долж улицата каде што беа демонстрантите имаа залепено бели листови со замолница да не ги демолираат нивните бизниси бидејќи ги поддржуваат. – И ние сме со вас, ве молиме не ни го уништувајте бизнисот – пишуваше на нив. Овие замолници осамнаа деновиве по силните насилства, палења и кршења дуќани, излози, контејнери, семафори и друго низ градот за време на протестите во првите седум дена. 

Премиерот Рама, кој е на Самитот на Берлинскиот процес во Будва, денеска објави дека на протестите во Албанија, коишто се главно во Тирана, се повредени 191 полицаец и 93 демонстранти. Направи споредба со други европски земји нагласувајќи дека насекаде има многу повеќе повредени демонстранти од полицајци, додека во Тирана е обратно.

– Насекаде има многу повеќе повредени демонстранти отколку повредени полицајци, што е сосема нормално да се случи, додека во Тирана соодносот е обратен бидејќи во реалноста полицијата беше на висина на задачата, никогаш не дозволувајќи претрпеното насилство да ја тргне од колосекот својата демократска мисија – рече Рама.

Но, според него, „реалноста на Тирана е заменета со друга реалност на екраните на ова огнено насилство и психолошки терор против државата“.

Дел од оние што протестираат во Тирана носат маски за да го покријат своето лице, но има и такви, претежно помлади лица, кои носат специјални маски за заштита од солзавец и очила, а дополнително се покриени со качулки или носат црни дуксери со капа. 

Во денешната објава Рама посочува дека некои од маскираните демонстранти ќе бидат идентификувани со лице и факти, додавајќи дека тие немаат никаква врска со универзитетите и студентскиот живот.

– Ги ставам студентите во наводници над зборовите, бидејќи многу наскоро ќе го видите нивното лице и факти, маскирани херои кои го тероризираа албанскиот народ со духот од ’97 година и кои немаат никаква врска со Универзитетот и студентскиот живот – рече тој.

Според него, „вистинските студенти се оние кои сакаат да ја предизвикаат политиката и владата без да кренат рака против јавниот и приватниот имот, туку посочувајќи ги раните што бараат лекување со дијалог и заедничка посветеност“.