„Вашиот труд се исплатеше“: Канцеларот Мерц за патот на Црна Гора кон ЕУ на Самитот на Берлинскиот процес
Многу е тешко да се оди напред ако минатото постојано нè кочи, рече германскиот канцелар на отворањето на Самитот во Црна Гора
Германскиот канцелар Фридрих Мерц на денешниот Самит на Берлинскиот процес изјави дека Црна Гора постигнала значаен напредок на европскиот пат и дека членството во Европската унија е реално остварлива цел. Тој истакна дека земјата речиси ги завршила преговорите за пристапување, нагласувајќи дека реформите, политичката волја и регионалната соработка се клучни за понатамошниот напредок на Западен Балкан.
„Покажувате напредок и дека пристапувањето кон Европската унија е навистина можно. Бевте одлучни и вашите напори се исплатија. Ова е регион во движење, регион на промени, но тие промени мора да дојдат одвнатре. Тоа е една од фундаменталните идеи на Берлинскиот процес – да се соберат земјите од Западен Балкан на иста маса, да се иницира и зајакне регионалната соработка“, рече Мерц на состанокот во Свети Стефан во Црна Гора.
Тој истакна дека од состанокот во Тиват, во јуни оваа година, е постигнат напредок во зајакнувањето на Берлинскиот процес, како и дека се прават заеднички напори за создавање услови за проширување на Европската унија врз основа на заслуги.
„Откако се сретнавме во Тиват во јуни, го вративме Берлинскиот процес на вистинскиот пат. Црна Гора речиси ги заврши преговорите за пристапување и работиме заедно за да овозможиме проширување врз основа на заслуги. Францускиот претседател Емануел Макрон и јас заедно презентиравме предлози за проширување, од кои многу беа прифатени од Европската комисија. Ѝ благодариме на комесарката Марта Кос за тоа“, рече германскиот канцелар.
Зборувајќи за протестите и политичките тензии, Мерц ја истакна важноста на зачувувањето на мирот, отфрлањето на насилството и надминувањето на поделбите.
„Важно е реформите и политичката волја да дојдат од ваша страна. Протестите во регионот нè потсетуваат дека мора да продолжиме со проширувањето и зајакнувањето на мирот. Кога се соочуваме со протести, без разлика дали во Европската унија или на друго место, насилството не смее да биде опција за ниту една страна“, рече Мерк.
Германскиот канцелар, исто така, предупреди дека нерешените прашања од минатото и политичката поларизација претставуваат пречка за градење постабилна и поуспешна Европа.
„Многу е тешко да се оди напред ако минатото постојано нè кочи. Поларизацијата никогаш нема да доведе до поуспешна Европа. Ние го отфрливме величењето на воените злосторници и, ако сакаме подобра иднина за нашите деца, не смееме да додаваме масло на огнот. Мора да го нормализираме дијалогот меѓу Приштина и Белград“, рече Мерц.
Тој повика на одговорност и конкретен напредок во решавањето на отворените прашања во регионот, нагласувајќи дека Германија останува посветена на Берлинскиот процес и европската перспектива на Западен Балкан.
Поздравувајќи ги учесниците на Самитот, црногорскиот премиер Милојко Спаиќ ѝ се заблагодари на Германија за нејзината континуирана поддршка на Западен Балкан и неговата европска перспектива.
„Канцеларе Мерц, ви благодариме што ни се придруживте. Посветеноста на Германија кон Западен Балкан го одржа фундаменталното европско ветување: дека реформите, помирувањето и соработката го отвораат патот кон заедничка иднина. Вашето присуство дополнително го зајакнува тоа ветување. Дванаесет години по неговото започнување, Берлинскиот процес продолжува да промовира идеја што е во самата срж на европската интеграција: трајниот мир доаѓа кога земјите градат нешто заедно“, рече Спаиќ.
Тој нагласи дека Црна Гора верува дека успехот на соседните земји отвора дополнителни можности за нејзин развој, поради што регионалната соработка мора да донесе конкретни придобивки за граѓаните и економијата.
Според него, преку Заедничкиот регионален пазар и посилната врска со Европската унија, потребно е да се овозможи побрз проток на стоки преку границите, полесно признавање на квалификациите и пристап на компаниите до нови пазари.
„Ова бара економски реформи, силни институции, фер конкуренција и инвестиции во вештини, инфраструктура и чиста енергија. Приближувањето до европските стандарди значи дека европскиот животен стандард станува достапен за семејствата низ целиот наш регион. Ова значи дека младите луѓе можат да ги градат своите кариери тука, со доверба во сопствената иднина“, истакна премиерот.
На Самитот присуствува и македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Пред почетокот на состанокот тој изјави дека очекува силни пораки во однос на интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија. „Досието на Македонија е многу сложено. Одамна заслуживме да бидеме дел од ЕУ, но, за жал, поради одредени вештачки причини, сè уште не сме во можност да ги започнеме преговорите“.
Тој се осврна и на актуелните глобални предизвици, меѓу кои ги посочи војната во Украина, војната со Иран, кризата на финансиските пазари и протестите низ Европа.
„Живееме во многу предизвикувачки времиња. Веројатно сме сведоци на едни од најпредизвикувачките периоди што човештвото може да ги памети во овој век: руската војна во Украина, како и војната со Иран, кризата на финансиските пазари, протестите низ цела Европа и сè што е поврзано со нив. Затоа, мораме да најдеме начин да излеземе од оваа ситуација во светот, особено во Европа, а мојата Влада е силно посветена да придонесе во таа насока“, рече Мицкоски.