Почна целосна реконструкција на „Радишанска“ и на „Бутелска“


Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска заедно со градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски споделија дека започнала целосната реконструкција на улиците „Бутелска“ и „Радишанска“.

„Кога заедно со Дарко Костовски ја баравме довербата од граѓаните, дадовме јасно ветување, дека во текот на мојот мандат, овие две значајни улици во Бутел ќе бидат целосно реконструирани. Денес, за неполна година од преземањето на одговорноста, долгогодишното барање на жителите веќе станува дело. Градежните активности се започнати, а со нив доаѓа и крајот на долгото чекање за подобри услови во своето маало“, истакна Ѓорѓиевски.

Реконструкцијата опфаќа нов асфалт, нови тротоари и нова атмосферска канализација.

Истовремено, Ѓорѓиевски посочи дека во Бутел го градат и мега-паркот на 86.000 метри квадратни, огромна зелена површина што ќе стане ново место за прошетки, детска смеа, рекреација и заеднички семејни моменти.

Градоначалникот на Скопје потсети и дека во тек е процесот за изградба на кружниот тек, како и уредувањето на речното корито на Серава.