Горан Илијевски: Само со излезност над 65 отсто Вучиќ може да „падне“
Ни машинеријата на Вучиќ не може да излажира толку гласови ако на изборите в недела излезат масовно неопределени - смета лидерот на Партијата на Македонците во Србија
Ќе се разбуди ли Србија идниот понеделник со шанса за нова влада од опозицијата или и натаму ќе ја дели судбината со Александар Вучиќ како премиер? Можни ли се немири и насилства на денот на изборите, какви се сценаријата за денот потоа и кој ќе биде српскиот Петер Маѓар што ќе ја спроведе промената ако Студенската листа извојува победа на изборите? Зад кого ќе застанат гласачите од Македонија и дали овојпат ќе победи единствената партија на Македонците што застана со опозицијата во Србија, или четирите српски партии во Македонија кои се контролирани од Белград? На овие и други слични прашања одговор дава Горан Илијевски, претседателот на Партијата на Македонците пред клучното гласање во Србија, што со внимание го следи и светот.
Изборите в недела во Србија се најавувааат со паролата „сега или никогаш“. Што очекувате дека ќе се случи, како преставник на партија која е дел од Студентската листа „Студентите победуваат“?
Најнапред, благодарен сум на можноста што ми ја давате да се слушне и другата, опозициска страна, која мора да победи, бидејќи иднината е на студентите и на младите во Србија. На изборната листа „Студентите победуваат“ од 25о кандидати, дури 160 се професори и академици, што значи е сериозна и на неа се луѓе што можат и треба да одлучуваат. На другата страна е противник кој е подготвен да ги спречи со сите можни криминални дејства. Јас претходно ги осудував тие што ја напаѓаа СНС како „мафија на власт“, но сега и самиот ги нарекувам така. Србија е толку узурпирана од власта што и Колумбија и Венецуела изгледаат смешно во тој опис.
Се прави паралела меѓу состојбата во Србија со таа во Унгарија пред да падне Виктор Орбан. Но, кој е Петер Маѓар кај вас? И, очекувате ли дека, ако победи Студенската листа дека Александар Вучиќ ќе го признае поразот?
Студентите немаат лидер со кој одат на изборите. Тие сакаат да функционира државата, да функционирааат институциите, а не како досега да ги раководи еден човек кој ќе стави неспособен, но послушен кадар на позициите. Не ставаат еден човек за лидер и за да не ги трпи тој сите удари и притисоци од власта. Сите кандидати на листата се рамноправни, бидејќи целта на студентите е да направат експертска влада што ќе раководи со Србија. Таа сега е држава на СНС и тоа мора да се смени. Народот треба да си ги врати институциите со кои ќе владеат тие што знаат и според законите. Претходното опозициско движење го уништи Вучиќ откако му влезе во структурите, а ова не може, бидејќи сите одлуки се носат заеднички и на пленум. Студентите сакаат да стават компетентни луѓе на секое место, така што не е ни битно кој ќе биде премиер, туку да почнат да функционираат институциите. Ние не знаеме ни кој е премиер сега во Шведска или Финска, зашто тие функционираат. Ќе стават премиер кој ќе биде прв меѓу еднаквите, а најбитно е да е експерт. Место како досега, на пример, Елекстростопанството на Србија да го раководи човек кој имал ќебапчилница.
Инаку, тешко е да се очекува дека Вучиќ ќе признае пораз. На последните парламентарни избори излезе и, како претседател на државата кој нема никакви овластувања околу тоа, ги соопшти резултатите место Републичката изборна комисија (РИК). Се плашиме дека и сега ќе биде така и ќе кажува податоци по што ќе биде тешко да се смени јавното мислење и реакцијата во државата. Овој систем е составен од послушници, така што на 26 октомври Србија ќе се разбуди како уште покриминализирана држава – или ќе се ослободи од стегите и ќе тргне напред.
Вучиќ веќе најави дека ќе излезе по гласањето и дека, ако изгуби, ќе го признае тоа?
Нема да признае, верувајте. Тој има сценарио да победи, а не да признае дека го победиле. За него не постои алтернативна можност да изгуби, без оглед колку гласови ќе освојат студентите. И што останува без поддршка, исто така. Патем беше пријател со Орбан, но и него сега го нема. Доби поддршка само од словачкиот премиер Роберт Фицо, но Фицо исто така го поддржа и Орбан кој падна, така што многу му е силна поддршката. Од САД порачаа дека ќе ги следат изборите, но не му дадоа јавна поддршка, а Марија Захарова од руското МНР јасно кажа дека едно зборува во Русија, друго дома, трето во САД. Македонија мора да биде многу дипломатска и да не се изјаснува до крај со поддршка на Вучиќ и добро е што никој не отиде во Белград како Фицо.
Реални ли се анкетите дека Студентската листа води со 44,5 отсто наспроти 42,7 отсто поддршка за коалицијата на СНС? Дали таквата прогноза може да обезбеди не само победа, туку и можност да се формира влада на опозицијата во Србија?
Разликата според анкетите е многу мала, но Вучиќ веќе призна дека претходно поддршката била 20 отсто повеќе во корист на студентите, а сега 1, 5 отсто. Многу е тешко да се процени колку се валидни анкетите зашто огромен е стравот на анкетираните да го кажат своето мислење. Реално на терен студентите имаат огромна поддршка и секаде каде што се појавуваат се пречекани од народот, што се виде и на собирот на Славија. Залудно му е на Вучиќ да манипулира дека неговите собири биле побројни кога фотографиите покажуваат сѐ. Но, СНС е организирана мафијашки и на секое локално ниво има организација која е должна да обезбеди гласови за коалицијата. Затоа Вучиќ не ја објави книгата што ја најави одамна – „Како ја победив Шарената револуција“ – бидејќи тоа е книга за криминалите со кои се служи за да остане на власта.
Што ако Вучиќ, лажирано или не, сепак победи на изборите. Имате ли план за денот потоа?
Студентите имаат план, но сѐ уште не го објавувааат. Сценариото, пак, на СНС е нејзините гласачи да излезат до 12 часот. Тие се машинерија така што изборите ќе бидат далеку од регуларни. Да се такви, нема зошто како политичка партија да прават паралелен изборен список со фотографии и да евидентираат дали некој излегол или не на избори, нема да купувааат масовно гласови за кои на минатите избори даваа до 500 евра, а сега стигнуваат до 1.000. Целата таа машинерија е придвижена, бидејќи реално тие имаат околу 20 отсто гласачи што им веруваат, а треба да покажат поголем резултат, до 45 отсто, за да формирааат влада. Студентската листа има поголемо гласачно тело, но СНС е подготвен да ги направи сите можни мапилулации, што светот ќе ги проучува во иднина. На пример, нема техничка можност изборните комисии да посетат 5 отсто од глачите што ќе се изјаснуваат од дома, така што уште сега е јасно дека тоа е местење на изборните резултати.
Овојпат разликата е што Студентската листа ќе има свои контролори на сите изборни места, нешто што досега опозициските партии не можеа да го спроведат. Но, големите проневери не можат да ги исконтролираат, како тоа дали некој има лажна лична карта бидејќи, за разлика од Македонија, во Србија се уште се гласа без отисок на прст и само со личен документ. Така што, лесно е да се тврди дека некој гласал и да не се појавил на избори.
Затоа, немам дилема дека регуларност и на овие избори нема да има, и дури има сценарио на СНС за по 12 часот, ако видат дека има голема излезност, бидејќи излезност над 65 отсто за нив ќе значи пораз. Тоа ќе значи дека излегле над 4 милиони гласачи и дека излегле и тие што се неопределени кои сега ќе гласааат за студентите бидејќи им е доста од овој режим. Сценариото е да се прават немири во текот на изборниот ден за да се порогласи вонредна состојба.
Иако многу нечисти работења на оваа власт сега излегувааат на виделина, вклучувајќи го и тоа дека му ветил на наркобосот Шариќ дека за десет години ќе му даде аболиција (а само претседател може да го направи тоа), медиумите тоа не го објавуваат, бидејќи се контролирани од Вучиќ. Тој патем ги контролира и РЕМ (српско регулаторно тело за електронските медиуми) и ја контролира РИК (државната изборна комисија). Стратегијата на Вучиќ е на сите избирачки места да има мнозинство во избирачките одбори, а тоа го постигнува со фиктивни изборни листи, кои никогаш не освоиле гласови и за кои, за да се регистрираат, потписи собира неговата партија. На крај, кога ќе треба да се гласа за жалбите за неправилности, нивните гласови ќе надвладеат.
Исто така, за разлика од Македонија, каде што претседателот на државната изборна комисија е од опозицијата, во Србија е именуван од власта, а првиот човек на Уставниот суд е поранешен професор на Вучиќ, а треба да решава за жалбите на опозицијата. Целата структура што решава околу изборите е од власта, така што е многу тешко да се очекувааат регуларни избори и тој да признае дека Студентската листа освоила повеќе гласови.
Па како ќе победите тогаш?
Студентите имаат сценарио исто така, но не е објавено. Важно е да се види колку луѓе излегуваат на последните митинзи. Народот стана во Србија, виде во студентите желба за живот и за иднина, бидејќи сега сѐ е узурпирано до микро ниво од криминална власт. Видовте, впрочем, деновиве дека од одделот за дрога беа разрешени 15-те полицајци што ја фатија пратката со марихуана, место да бидат наградени. Сите знаеме што се случува на терен, дека во Јованица има хектари насадени со марихуана, практично во срцето на Европа, дека синот на Вучиќ се појавува на митинзи во придружба на криминалец баран со потерница на Интерпол, дека Вучиќ тврди дека сега води кампања како обичен граѓанин (бидејќи не е веќе претседател) и дека не му треба обезбедување – а го чуваат 50 обезбедувачи специјалци… Студентите се последна надеж ова да се смени, но дали ќе успееме, е тешко прашање. Нам ни треба барем 65 отсто излезност за да победиме, бидејќи тогаш ќе се знае дека излегле тие што биле незаинтересирани досега и гласале за Студентската листа. Ни Вучиќ не може да искраде толку гласови ако се појават толку граѓани регуларно да гласаат.
Очекувате ли насилства или немири на изборите?
На денот на гласањето полицијата ќе биде во состојба на готовност, но многу ќе зависи од тоа како ќе реагира ако има немири или насилство. Командниот кадар е под контрола на Вучиќ, но не можат да тепааат граѓани надвор од тоа што го утврдува законот и уставот. Деновиве има повици од бивши директори на БИА полицијата да ги почитува Уставот и законите. Меѓу нив има и чесни полицајци чии деца се студенти. Јас ги прашав во една полициска станица – „кој е за Вучиќ“ – и одговорот им беше многу мудар – „само некој што мора“. Така што, можни се неколку сценарија и сѐ зависи од излезноста. Илија Срдановиќ, кој е прв на Студентската листа ,изјави дека студентите ќе ги бранат и одбранат резултатите на изборите, и дека тие од коалицијата на СНС можат да гласаат, но ние ќе преброиме. Така што, никогаш не било олку неизвесно пред избори во Србија.
Колку македонски државјани се пријавени да гласаат и какво е расположението кај нив, а исто така и на тие со македонско потекло во Србија?
Влијанието на пропагандната машинерија на Вучиќ е огромно во Македонија преку МТЕЛ, кој е основан од српскиот Телеком и што ги емитува само каналите под влијание на Вучиќ. Откако е влезен работи со загуба, но тоа за нив не е битно, бидејќи Вучиќ се одржува на власта со дезинфоремациите. Цела Јужна Србија немаше пристап до Н1 и други независни медиуми, но сега и нив ги ставија финансиски под контрола. Пријавени за гласање се 800 граѓани од Скопје и 600 од Куманово, но во Србија беше објавено дека тие што имаат двојно државјанство (македонско и српско) ќе бидат организирано носени со автобуси да гласаат во Врање, така што постои можност тие да гласаат двапати, и тука и таму, бидејќи избирачкиот список не може да се добие на увид. Сега граѓани јавувааат за случаи како на адреса со куќен број „нула“ се пријавени 40-ина гласачи, иако законски нема такви куќни броеви во Србија, како има гласачи со адреси на трафостаница и слично, дека се издаваат масовно фиктивни лични карти и притоа не се знае точно бројот на тие со двојни државјанства во Косово, БиХ и во Македонија.
Бројката на пријавени во Македонија сепак е многу мала, и очекувањата се од 1.400 пријавени да гласаат околу 1.000. Но, затоа од 93 изборни места во целата дијаспора дури 29 се во БиХ, а тоа е голема гласачка популација што не може да се исконтролира, додека во Косово нема ни да се гласа туку тие ќе гласааат во Србија. Инаку, во целата дијаспора се пријавени над 110.000 гласачи, а бидејќи на многу места не е овозможено гласање, изгубени се 30.000 до 40.000 можни гласови. Две третини од новопријавените ќе гласаат за студентите бидејќи досега не покажуваа интерес за изборите.
Според она што се знае, изминатите три години биле поднесувани во просек по 12.000 барања за српско државјанство од Македонија. Ние сме политичка партија на Македонците во Србија, а овде има четири партии на Србите – и сите се контролирани од СНС. Сега прашањето е кој ќе победи? Оваа една партија на Македонците, или четирите партии на Србите во Македонија, со оглед на тоа дека на последните избори што никој не ги контролираше 93 отсто од тие што гласале во Куманово гласале за СНС, а 82 отсто во Скопје. Сега ќе ја видиме реалната ситуација бидејќи ќе имаме контрола и на гласањето тука.
Инаку, кога студентите поминаа низ Војводина беа и во општината со најмногу Македонци во Србија, беа пречекани со силна поддршка, по што излезе и спотот „Мала општина, луѓе со големи срца“.
Владата на Македонија им даде високи позиции за преставниците на српските политички партии, а ние 14 години немаме ни пратеник, не пак функционер на некоја позиција во Србија, иако имаме договор ратификуван во двата парламенти за рамноправна застапеност. Вучиќ секогаш се повикува на „братскиот македонски народ“, а им дава функционерски места на Бошњаците, на Унгарците, на Албанците и на Хрватите и ниту едно за Македонец. Со Вучиќ нема братство, има само со српскиот народ. Не е можна соработка со оваа власт во Србија која е изопачена и однародена и од Србите. Мотото му е „мир, слога и стабилност“, а го подели народот во Србија на два табора.