Француската полиција забрани демонстрации во одредени делови од Париз


Париската полициска префектура донесе уредба за зонска забрана за собири и демонстрации во одредени делови од Париз, пред сè во потесниот центар, која е во сила денеска од 08:00 до 20:00 часот.

Забранети се собири и демонстрации во близина на Елисејската палата, палатата Матињон (седиштето на премиерот), Националното собрание, Сенатот, како и кај туристичките места како музејот Лувр и Елисејските полиња, пренесува „Фигаро“.

„Присуството и движењето на лица кои учествуваат во поворки, дефилеа и собири кои не се пријавени под условите утврдени со закон се забранети во овие зони“, се наведува во уредбата објавена на X.

Со забраната исто така се опфатени париските железнички станици, плоштадите Италија, Бастиља и Република, квартот Шатле Ле Ал, островот Сите и квартот со големи стоковни куќи.

Бранот масовни протести во Франција почна во средината на септември како локален штрајк и бунт на учениците и наставниците во едно средно училиште во посиромашното предградие на Париз, а повод беа лошите услови во образованието, хроничниот недостиг на професори, пренатрупаните училници и запуштените училишни згради.

Протестите се проширија во средните училишта и факултетите низ целата земја, а беа проследени со масовни блокади и судири со полицијата. На демонстрациите им се приклучија синдикатите, родителите и активистите на некогашното движење „Жолти елеци“, а кон првичните барања за реформа во образованието се приклучија и масовни улични протести против високите трошоци за живот, растот на цените на горивата и владините мерки за штедење.

Француските власти најавија зајакнати безбедносни мерки во пресрет на протестите на Жолтите елеци в сабота, на 24 октомври, додека министерот за правда на земјата, Жералд Дарманен, соопшти дека од почетокот на насилството се приведени 2.500 луѓе.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, порача дека полицијата одлучно ќе реагира на обидите за предизвикување нереди и дека ниту еден облик на насилство, било вербално, физичко или насочено против луѓе и имот, не е оправдан, пренесе БФМ ТВ.