Пабло Пикасо во фокусот на првата работилница од циклусот „Приказни што оживуваат – уметност, литература и пантомима за деца“


Во креативниот центар „Сончогледи“ во Скопје вечер од 18 часот ќе се одржи првата работилница од циклусот креативни работилници насловен „Приказни што оживуваат – уметност, литература и пантомима за деца”.

-Работилницата ќе биде посветена на Пабло Пикасо, еден од највлијателните уметници на 20 век, чие творештво суштински го промени развојот на модерната уметност. Пикасо ги помести границите на традиционалното ликовно изразување и отвори нови можности за истражување на формите, боите и реалноста. Неговото значење не произлегува само од обемното и разновидно творештво, туку и од слободата што ја внесе во уметничкиот израз, покажувајќи дека мислите, емоциите и личната визија за светот може да се претстават на многу начини. Токму оваа слобода на изразување е една од појдовните точки на работилницата, која чија цел е да ги поттикне детската љубопитност, креативноста и самостојното уметничко истражување. Преку непосреден и интерактивен пристап, учесниците ќе се запознаат со особеностите на творештвото на Пикасо, како и со интересни моменти од неговиот живот, соопшти организаторот. 

Програмата опфаќа раскажување, набљудување и анализа на уметнички дела, како и интерпретација на делови од животната приказна на уметникот преку глума и пантомима. Литературата, визуелната уметност и сценскиот израз ќе се поврзат во заедничко искуство што ги охрабрува децата да истражуваат, да поставуваат прашања и да ја изразуваат сопствената креативност.

Практичниот ликовен дел ќе биде посветен на линорезот, класична графичка техника во која цртежот се врежува во мека плоча со помош на специјални длета, по што се нанесува боја и се изработува графички отпечаток. Преку оваа постапка, се наведува во најавата за работилницата, учесниците ќе имаат можност непосредно да се запознаат со поинаков начин на создавање ликовно дело и да изработат сопствени графички отпечатоци.

По првата креативна работилница посветена на Пикасо, ќе следуваат уште три од проектот  „Приказни што оживуваат – уметност, литература и пантомима за деца“ – за Салвадор Дали, Василиј Кандински и Винсент ван Гог.   

Работилниците ќе ги реализираат Марина Туфекчиевска, комуниколог и дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност; Кристина Таневска, визуелен уметник, ликовен педагог, вајар и магистер по сликарство; и Мето Јанакиевски, историчар на уметност и пантомимичар.

Учеството на работилницата е бесплатно. Проектот „Приказни што оживуваат – уметност, литература и пантомима за деца“ е поддржан од Град Скопје.