Русија утре ќе ја испорача првата пратка дизел за САД, согласно договорот меѓу Трамп и Путин


Русија утре треба да ја испрати првата пратка дизел во САД врз основа на спорниот договор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.

Рускиот вицепремиер Александар Новак денеска изјави дека танкерот ќе има капацитет од 40.000 тони, објавија руските медиуми. 

Новак не ја исклучи можноста за извоз на дизел во други земји, но рече дека тоа ќе зависи од капацитетите на руските рафинерии во наредните месеци.

На почетокот на октомври, Трамп и Путин се согласија за продолжување на испораките на руски дизел во САД. Вашингтон привремено ги суспендираше постојните санкции против Русија за да ги дозволи пратките.

Договорот предизвика остри критики од Украина, Европската Унија, па дури и од некои републикански членови на Конгресот на САД, додека Москва го поздрави договорот.

Руските рафинерии за нафта често се цел на украински беспилотни летала со долг дострел, а штетите и поправките го ограничуваат производствениот капацитет на земјата. Москва одговори со забрана за извоз на бензин и дизел.

Трамп ги критикуваше украинските напади, обвинувајќи го Киев за зголемувањето на цените на горивата пред изборите за Конгресот на САД во ноември, каде што се очекува републиканците да имаат слаб резултат.

Киев тврди дека нафтените постројки се легитимни воени цели бидејќи обезбедуваат гориво и финансии за војната на Путин.