Скопје се подготвува за Нова Година
Елка од 13 метри годинава ќе биде поставена на градскиот плоштад во Скопје, на 15 декември, а покрај неа, плоштадот во главниот град ќе го красат и неколку други светлосни форми.
Годинава, Градот го објави огласот еден месец порано отколку лани, а се очекува фирмата да биде избрана и навреме да го украси централниот дел на Скопје. Се предвидува до 15 декември да биде завршено украсувањето на предвидените локации, а во периодот од 15 до 25 јануари 2027 година да се изврши откитувањето.
За новогодишното украсување на Скопје, од градската каса ќе се издвојат околу 3,8 милиони денари, односно 4,5 милиони со пресметан ДДВ или околу 73 илјади евра.
Според податоците наведени во техничката спецификација на плоштадот треба да се постави елка – нордика, која би била верна реплика на природна елка. Оваа годинаплоштадот ќе го краси светлосен мотив во облик на елен, висок околу 4 метри со, како што е наведено, „конструкција од алуминиум, на роговите со декоративен елемен од шеќерна трска, комбинација топло бело и ладно бело LED осветлување со динамични светлосни ефекти“.
Покрај ова, избраната фирма ќе треба да постави и светлосна фигура во форма на подарок, висока над 6 метри, два 2Д портали, 3Д санка со подароци, со можност за влез во санката за фотографирање, висока околу 2, а широка 4 метри. Ќе бидат поставени и два 3Д балони високи по 3,5 метри, потоа Дедо Мраз, но и стотина букети со ЛЕД осветлување, како и светкав зелен новогодишен венец каде граѓаните ќе можат да се фотографираат. Скопје ќе биде осветлено и со светилки по канделабрите и со светлосни мразулци.
Локациите за поставување на сите елементи ќе бидат утврдени во налогот за работа што ќе го добие избраната фирма. Не се знае дали во новогодишното украсување влегуваат и улицата „Македонија“, како и поголемите булевари „Партизански одреди“ и „Илинден“.
Минатата година Скопје го украсуваше фирмата „Линк медиа плус“. Вредноста на договорот изнесува 3.620.000 денари без ДДВ, односно 4.271.600 денари со ДДВ, што е околу 70.000 евра, речиси исто колку што ќе се потроши и годинава.