Јотова води во анкетите во Бугарија, но ќе има и втор круг
Кандидатката за претседател на Бугарија Илијана Јотова води во проекциите за првиот круг со поддршка од 47,3 проценти, пред Андреј Ѓуров – Георги Кандев со 30,6 отсто, иако разликата меѓу нив се намалува. Ова го покажува анкетата на „Маркет линкс“, претставена на бугарската телевизија бТВ.
На трето место е прорускиот лидер на Преродба, Костадин Костадинов, со 10,3 отсто поддршка.
Во оваа фаза, вториот круг е извесен, а се очекува излезноста на гласачите да биде 39 отсто.
„Претседателските избори, генерално, не предизвикуваат голем интерес – особено по ’врвот‘ во излезноста што го видовме во април. Сегашното ниво на ангажираност кај бугарските гласачи е значително пониско; сепак, гледаме знаци што ги мобилизираат граѓаните“, коментира Добромир Живков, социолог од „Маркет линкс“.
Според него, едно од прашањата што јасно го политизира општеството е ескалацијата во Црното Море.
За Јотова 75 отсто од луѓето се истите што гласаа за Прогресивна Бугарија на парламентарните избори во април. За Ѓуров има нови гласачи, надвор од неговата база Продолжуваме со промената и Демкратска Бугарија. Во поддршката за нив се вклучуваат и гласачи од ГЕРБ и ДПС, како и поединци што претходно не гласале.
Интересно е што Прогресивна Бугарија на премиерот Румен Радев губи од гласачите: со истата анкета има поддршка од 32 отсто. Друга важна новина е што ГЕРБ спадна на трето место со 9,6 проценти. Пред неа е Продолжуваме со промената за која се изјасниле 10,2 отсто од анкетираните. Четврта е Демократска Бугарија 7,6, а по неа е ДПС со 5,6 проценти. Преродба е на границата на прагот за влез во парлеманеот до 4,4 отсто поддршка.