Предупредување од американскиот Сенат до Вучиќ: „Обезбедете фер и слободни избори“


 

Американските сенатори издадоа заедничка изјава пред претстојните парламентарни избори во Србија в недела, 25 октомври.

Станува збор за Џин Шахин (демократ од Њу Хемпшир), член на Комитетот за надворешни работи на Сенатот со највисок ранг меѓу претставниците на малцинствoто, Роџер Викер (републиканец од Мисисипи), претседател на Комитетот за вооружени сили на Сенатот, Дик Дурбан (демократ од Илиноис), највисок ранг на малцинскиот член на Комитетот за правосудство на Сенатот, Чак Грасли (републиканец од Ајова), претседател на Комитетот за правосудство на Сенатот, Крис Марфи (демократ од Конектикат), Џони Ернст (републиканец од Ајова) и Том Тилис (републиканец од Северна Каролина).

Тие ги повикуваат властите во Србија да обезбедат слободни и фер избори, беше истакнато на веб-страницата на Комитетот за надворешни односи на Сенатот на американскиот Конгрес.

Објавата на сенаторите дојде во време кога независните набљудувачи на изборите изразуваат загриженост дека претстојните избори ќе се одржат во непријателска средина за организациите на граѓанското општество, набљудувачите и опозициските партии.

Во заедничка изјава, сенаторите наведуваат дека иако граѓаните на Србија се подготвуваат да излезат на гласачките места на 25 октомври, тие се залагаат за своето право слободно да ја изразат својата волја и да гласаат во слободни и фер услови.

„Ги повикуваме сите партии да го почитуваат броењето на гласовите и соодветните процедури за проверка на резултатите од изборите. Соединетите Американски Држави долго време го поддржуваат патот на Србија кон евроатлантска интеграција и го препознаваат нејзиниот потенцијал да придонесе за стабилноста на Западен Балкан. Силна демократија во Србија е од суштинско значење за постигнување на сите овие цели“, изјавија тие.

За жал, додаваат тие, и српските и меѓународните набљудувачи на изборите открија сериозни прекршувања на интегритетот на претходните парламентарни избори.

„Сега, во пресрет на гласањето на 25 октомври, забележуваме слични загрижувачки индикатори. Извештаите за нелегално прислушување на членови на опозицијата, како и обидите за дискредитирање и поткопување на мисиите за набљудување на изборите, предизвикуваат длабока загриженост. Властите во Србија мора да обезбедат еднакви услови за сите партии и непречен пристап до гласачките места за сите граѓани“.

Тие ја повикуваат владејачката СНС и сите надлежни институции да обезбедат претстојните избори да се одржат мирно, слободно и отворено.

„Уште еднаш ја нагласуваме клучната улога на меѓународните и домашните набљудувачи во одржувањето на довербата во изборниот процес. Одговорноста е на властите во Србија да обезбедат сите институции да ја почитуваат улогата на граѓаните-набљудувачи, новинарите и кандидатите за јавни функции“.