Пекара во Виена ги „меси“ гласовите на Србите за Александар Вучиќ

Во Виена Србите се насочени да се пријавуваат за гласање во една пекарница, која ги прави списоците и ги испраќа до амбасадата. Таму велат: „Не запишуваме блокадери“. Тие работат за Вучиќ


Во Виена е веројатно најголемата српска дијаспора во светот

 

На половина час пешачење од центарот на Виена, се наоѓа српска пекара наречена едноставно „Пекарица“.

Таму може да се нарачаат разни видови топли печива и слатки, но тоа не е сè што може да понуди оваа продавница.

Ако ја посетите во месецот пред изборите во Србија, можете да чуете еден од муштериите како бара нешто што не е на класичното мени на пекарницата: „Дојдов да се регистрирам за гласање!“. Без никаква забуна или чудење зошто такво нешто се вели во пекарницата, на работниците сè ќе им биде јасно веднаш. Тие ќе одговорат: „Вратата покрај вас, ќе ве одведам“.

Новинарите на српскиот истражувачки портал „Крик“ опшуваат како во оваа пекара можеш да се регистрираш за гласање, а тоа да не биде во амбасадата на Србија.

На масата во здружението седат двајца луѓе кои, како бирократи во државна институција, пополнуваат барања за гласање за посетителите. Барањата потоа се испраќаат до амбасадата, а луѓето подоцна се информираат дека се официјално регистрирани за гласање во Австрија. Тие се практично „институција во сенка“ која ги регистрира луѓето за гласање.

Ова здружение е тесно поврзано со Александар Вучиќ и СНС и додека ги регистрираат посетителите да гласаат, тие исто така ги регрутираат да гласаат за владејачката партија на парламентарните избори што се одржуваат овој викенд.

„Ние не ги запишуваме овие блокадери и будали. Ние комуницираме со нашите луѓе кои се за Вучиќ и кои ќе бидат во Виена на 25 октомври. (…) Кого ќе поддржите, ако не Вучиќ?“, може да се слушне на тајните снимки од ова здружение кои ги доби „Крик“.

Секој што ќе го регистрираат да гласа, исто така, добива подароци, идентични на оние што СНС ги дистрибуира во селата во Србија: запалки, пенкала и други ситни предмети со логото на партијата.

Членовите на здружението нудат помош на српските граѓани што живеат во Виена, а гласаат за Вучиќ за разни прашања за кои им е потребна амбасадата.

„Велам, ако и вам ви е потребна амбасада или конзулат, ние сме во домет на сите нив“, се слуша на видеото.

Клучниот човек за оваа акција е Андреј Лесковац, кој, иако нема формални врски со здружението, останува таму и регрутира луѓе да гласаат за СНС, се дознава од снимките. Новинарите на „Крик“ се увериле во ова кога отишле во Виена.

Здружението на Србите во Виена, блиску до СНС, нелегално регистрира граѓани за гласање (Фото: Крик)

Многу членови на дијаспората одлучуваат да поминат низ овој неформален процес бидејќи српската амбасада, единствената овластена да се занимава со регистрација на гласачи, честопати дејствува на начин што им го отежнува регистрирањето на луѓето.

Неколку од нив се пожалија на „Крик“ дека имале тешкотии при регистрирањето за гласање бидејќи амбасадата или не работела или не одговарала на барањата, или дури биле измамени да гласаат во Србија – од каде што се преселиле одамна.

Во некои случаи, амбасадата дури и не сакала да регистрира апликации за гласање.

Овие манипулации во предизборниот период во Виена може да се видат од низа докази собрани од новинарите на „Крик“. Неколку српски граѓани кои живеат во Виена им раскажаа на новинарите за своите искуства, но некои ни испратија и тајно снимени разговори и видеа со луѓе од „Пекарица“ и од Здружението на Србите во Австрија.

Човекот кој неуспешно се обидел да се регистрира за гласање во српската амбасада, бидејќи не работела кога тој отишол таму, реши да го стори тоа на друг, докажан начин – преку пекарата.

Тој реши тајно да го сними сето тоа со својот телефон, а оваа снимка потоа стигна до новинарите на „Крик“.

На неа се гледа како човек влегува во „Пекарица“ и откако чека да биде услужен муштеријата пред него, им вели на работниците: „Колегите ми рекоа дека можам да се регистрирам тука за да гласам!“

„Пекарица“ во Виена е посредник што води до здружениe блискo до СНС

„Можете, дојдете“, одговори веднаш работникот во пекарницата, без размислување. „Не е тука, малку е подолу, ќе ви покажам, ќе ве однесам“.

Вработената во пекарницата излезе со него на улицата и го однесе во Здружението на Србите во Австрија, кое е оддалечено само 15 метри на улицата „Кирхштетерн-газе“.

Го предаде на човек по име Андреј, кој потоа го запозна со здружението.

„Те познавам, ти си наш стар гласач!“, го препознаа внатре и го прашаа дали дошол да се регистрира за гласање. По потврден одговор, тие го побараа неговиот пасош.

„Сега ќе го направиме тоа брзо“, рече човекот што седеше на белата маса на која имаше неколку апликации за гласање, како и копии од пасоши – веројатно луѓе што аплицирале за гласање во Виена преку здружението.

Работата на овој човек очигледно била да пополнува апликации за гласање, но не изгледал како типичен бирократ – носел тесна бела маица со натпис „crime time“, рацете му биле тетовирани, а златен часовник светел од левата страна.

Новинарите, исто така, добиле снимка од телефонски разговор снимен од друго лице од Виена кое се јавило во здружението за да се распраша како да се регистрира за гласање. Овој разговор дополнително покажува колку силно ова здружение има со амбасадата на Србија.

За да се изврши регистрацијата, дури не мора да се оди во здружението, се слушна во телефонски разговор.

„Постапката е едноставна. Имаме барање за запишување во избирачкиот список што мора да се поднесе три недели пред изборите, имаме рок до крајот на месецот“, објаснија жените од здружението.

„Ни треба слика од тој документ, можете да дојдете кај нас во Бирото, можете да ни го испратите, но бидејќи не се познаваме, претпоставувам дека ќе навратите во нашата канцеларија. Го печатиме заедно, го пополнуваме тоа барање и го испраќаме директно во амбасадата. На денот на гласањето, се појавувате со тој документ и веќе сте регистрирани во базата на податоци. Лице кое не е регистрирано тој ден нема право да гласа.“

Кога соговорникот ја прашал дали им помагаат на оние што гласаат за СНС, таа добила одговор: „Да, за Александар Вучиќ. Сите сме за Александар Вучиќ. Сите. (…) Се обидуваме да го решиме тоа за нашите гласачи на сите можни начини, така да се каже“, пишува „Крик“.