Околу 1.800 градови во Бразил се во состојба на подготвеност поради комарци што пренесуваат денга
Околу 1.800 градови во Бразил се наоѓаат во состојба на подготвеност или во зона на ризик поради присуство на комарци од видот Aedes aegypti, кои се преносители на денга, зика и чикунгуња, а прогнозите за потопло лето со пообилни врнежи поради феноменот Ел Нињо дополнително ги зголемуваат грижите за ширењето на овие инсекти, пренесува „ТВ Глобо“.
Според податоците на бразилското Министерство за здравство, во приближно 50 отсто од прегледаните домаќинства се пронајдени ларви од комарци, а стручњаците предупредуваат дека најголемиот број жаришта се наоѓаат во садови и други предмети во кои се задржува вода. Во сојузната држава Пернамбуко бројот на случаи на денга е поголем за речиси 30 отсто во однос на 2025 година, додека од почетокот на годината се забележани шест смртни случаи.
Шефицата на Лабораторијата за молекуларна биологија на инсекти при Институтот „Освалдо Круз“, Рафаела Виеира Бруно, изјави дека е неопходно редовно да се проверуваат и чистат местата каде што може да се задржува вода. Таа наведе дека ларвите на комарецот Aedes aegypti можат да се препознаат и по реакцијата на светлина, од која се оддалечуваат, додека за возрасните единки се карактеристични ригести нозе.
Стручњаците препорачуваат чистење на садовите најмалку еднаш неделно, со предупредување дека само истурањето на водата не е доволно, туку е потребно темелно да се измие садот за да се отстранат јајцата од комарците.
Иако бројот на сомнителни и потврдени случаи на денга во Бразил падна за околу 70 отсто во споредба со истиот период во 2025 година, здравствените власти се плашат дека високите температури и пообилните врнежи во текот на претстојното лето би можеле да го поттикнат размножувањето на комарците.
– Комбинацијата од високи температури и дожд е исклучително поволна за развој на комарците. Спречувањето на нивното размножување е заедничка одговорност на сите нас – порача Бруно.