Општина Бутел воведува комунални редари, 24/7 контроли во две смени
Општина Бутел воведува комунални редари кои ќе бидат присутни на терен во две смени, со службени возила и засилени контроли низ целата општина, објави на својата Фејсбук страница градоначалникот на општината Дарко Костовски.
-Ќе се санкционираат несовесното фрлање отпад, создавањето диви депонии, уништувањето на општинскиот имот и другите прекршувања на комуналниот ред.
Јавниот простор е сопственост на сите нас, но и одговорност на секој од нас!
Нашата цел не е да казнуваме, туку да воспоставиме ред, одговорност и почитување на заедничкиот простор.
За почист, поуреден и поубав Бутел!, пишува Костовски во својата објава.
Во Законот за комунални дејности стои:
2) Заради подетално уредување на односите во комуналните дејности, утврдени со овој закон, советот на општините, односно Советот на градот Скопје донесува одлука за комунален ред и мерки за нејзино спроведување.
4) За спроведувањето на одлуката од ставот (2) на овој член општините, општините во градот Скопје и градот Скопје назначуваат комунални редари. За комунален редар се назначува лице со најмалку средно образование.
(5) При вршењето на контролата, комуналниот редар има право да ги провери идентификациските документи на лицата поради потврдување на нивниот идентитет, во согласно со закон.
(6) За констатираните неправилности при контролата над спроведување на одлуката од ставот (2) на овој член, комуналниот редар и комуналниот инспектор составуваат записник и изрекуваат прекршочна санкција на самото место согласно со овој закон и Законот за прекршоците.