Објавен романот „Бура“ од Веле Смилевски


Во издание на Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје, деновиве излезе од печат романот „Бура“, со подналов „Московски години“, од Веле Смилевски.

Во основата на „Бура“ е ракописната збирка „Записи за Јордан Веселов“ од Павел Александрович Глазов, откриена во втората половина на 20 век, во малиот приватен музеј посветен на Дмитриј  Федоров, на Арбатскиот кварт во Москва. Јордан Веселов е  македонски интелектуалец од Велес, кој во втората половина на 19 век живее и работи во Москва. Преку моделот на преклопување на времињата и настаните од два века,  авторот нѐ воведува во животната судбина на Веселов испреплетена со цела галерија ликови од московскиот уметнички и боемски амбиент.

Screenshot

Во рецензијата за романот „Бура“, литературниот критичар и поет Санде Стојчевски, меѓу другото, пишува: „Еве богат, сложен, стаменит роман. Дело напластено на повеќе нивоа, исполнето со навестувања и со загатки, со настани и со слики што добиваат раскошна двосмисленост на претпоставките, стануваат маѓосни привиди, половина стварност, половина сон.  Сè се потпира на основниот стожер, на таа именка-каријатида, бура, која се умножува во текот на дејствието, станувајќи обележје на основните човекови својства, дејности и верувања, сомневања во општествените рамки и односи, во меѓучовечките напори за блискост, но и во сопствената природа на ликовите. Речениците стокмени во усогласен ритам, како издлабени во мермер; јазикот слоевит, проткаен со архаични лексички бисери, на вистинско место и на вистински начин. Сликите – вистински фрески, блескави допири меѓу световното и светото; соништата бурни, драматични, полупроѕирни, во редот на големите сонувачи во делата на руските класици“, подвлекува Стојчевски.

Акад. Ала Шешкен, професор на Универзитетот „Ломоносов“ во Москва, во својот осврт кон романот „Бура“, меѓу другото, пишува: „Новиот роман на Смилевски е необичен по темата и по стилско-изразните и композициски решенија. Со овие карактеристики романот е ново поглавје во творештвото на овој писател и иновација во современата македонска литература. Смилевски не е првиот македонски автор што пишува за Русите и Русиjа, ама е сигурно првиот кој  во своето дело се занимава со ситуациjата во руската култура на XIX и ХХ век, откривајќи актуелни и интересни теми за денешниот читател. Во академската 1989 – 1990 година, Веле Смилевски оствари студиски престој на Универзитет „Ломоносов“ во Москва. Поминаа неколку децении оттогаш и сега, кога го имаме романот „Бура“, со поднаслов „Московски години“, ни станува јасно дека  доживувањата и искуствата од московскиот период, имаат своевидна реинкарнациjа и се реализираат во дело кое ќе биде во фокусот на интересирањето кај читателите и критиката“, пишува акад. Ала Шешкен.

 Веле Смилевски (1949) е автор на 53 дела од доменот на поезијата, романот, критиката, есејот и книжевната наука.

 Добитник е на државната награда „11 Октомври“ за животно дело од областа на уметноста.