Трамп: Киев ќе паднеше за еден ден ако не беше еден многу глупав руски генерал


Претседателот на САД, Доналд Трамп, повторно изнесе бизарна теорија за тоа зошто руската армија не успеа да го освои Киев за еден ден на почетокот на инвазијата во февруари 2022 година.

Според неговата верзија на настаните, неуспехот на рускиот блицкриг не се должел на украинските бранители, туку на „глупав руски генерал“ и калта создадена по наводните рекордни врнежи од дожд.

Обраќајќи се пред новинарите, Трамп тврдеше дека „најсилниот дожд во последните десет години“ паднал ноќта пред нападот и дека руските тенкови требало лесно да стигнат до центарот на Киев по автопатот за само неколку часа, пренесува регионалниот бизнис портал СЕЕбиз.

Трамп ја презентираше својата верзија на операцијата детално пред камерите, за што не понуди никакви докази.

„Глупав генерал за Русија. Многу глупав господин. Да имаа 1.000 тенкови што се движат по бетонски автопат, ќе беа во Украина за четири часа со максимална брзина на тенк, што е точно 48 милји на час (околу 77 км/ч). Ништо не можеше да ги запре. Војната ќе завршеше за еден ден“, тврдеше Трамп.

Тој обвини неименуван командант за пропаѓањето на кампањата. „И овој многу глупав генерал – немам поим кој е, се сомневам дека е сè уште со нас, се сомневам дека е дури и жив – одлучи да сврти десно во обработливо земјиште, а потоа да сврти лево и да оди кон Киев. Наместо да остане на автопатот, бетонскиот автопат, совршено добар автопат на кој се снаоѓаа многу добро… Ќе стигнеше таму за три и пол до четири часа и целата војна ќе завршеше. Наместо тоа, се заглави во кал. Беше како жив песок“, рече американскиот претседател.

Што навистина се случи околу Киев?

Тврдењата што ги изнесува Трамп немаат никаква врска со фактичката состојба на теренот на почетокот на 2022 година, што е потврдено од бројни воени анализи, снимки и податоци од западните разузнавачки служби.

Прво, руските оклопни колони ги користеле главните патишта и автопатишта што водат кон Киев од север. Тие не се заглавиле затоа што некој генерал доброволно решил да вози по изорани полиња, туку затоа што паднале во добро подготвени украински заседи. Познатата руска колона, долга околу шеесет километри, буквално застанала на асфалтот затоа што доживеала целосен логистички колапс – останале без гориво, мазива и храна за војниците, а возилата масовно се расипувале.

Второ, украинските сили систематски уништиле клучни мостови на пристапите кон главниот град, ја дигнале во воздух браната на реката Ирпин и го поплавиле целиот простор северно од градот, претворајќи го теренот во непроодно мочуриште. Поради срушените премини и постојаните напади од страна на украинската лесна пешадија, руските оклопни возила се обиделе да ги заобиколат закрчените патишта, при што многумина всушност се заглавиле во влажната земја.

Покрај фактот дека тенковите во борбени услови не можат да брзаат по автопатот со брзина од речиси 80 км/ч без пешадиска и воздушна заштита, метеоролошките податоци за февруари 2022 година исто така го побиваат Трамп – во деновите пред и за време на почетокот на инвазијата, во северна Украина не е забележана невидена библиска поплава, туку типично зимско време со температури околу нулата, пренесува СЕЕбиз.