На Македонија можеби ќе ѝ требаат и повеќе од 50 илјади странски работници годишно, вели Мицкоски
На Македонија можеби ќе ѝбидат потребни многу повеќе од 50 илјади странски работници годишно, доколку сакаме да ја задржиме економската активност, истакна денес премиерот Христијан Мицкоски.
Тој беше запрашан од новинарите за изјавата на потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски кој во интервју за 360 степени рече дека до 2030 година годишно ќе ни се потребни 50 илјади странски работници за да го одржиме нивото на БДП што го имаме сега, и дали дали тоа значи дека до тогаш ќе имаме 200 илјади екон0мски мигранти и што е со македонските работници.
„Ако не се свртиме кон семејните вредности и кон многудетните семејства и ако тие вредности не ги промовираме, за жал, македонската економија ќе биде прва што ќе биде на удар и тоа што го кажуваше потпретседателот на Владата и министер за транспорт можеби е потценета вредност, можеби ќе ни требаат многу повеќе за да ја задржиме економската активност“, изјави Мицкоски.
Одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на проектот за набавка на 100 нови амбулантни возила, претседателот на Владата остана на ставот за семејните вредности и многудетни семејства и оти работите треба длабински да се анализираат.
Мицкоски се осврна и на случувањата во Западна Европа, каде што, за да се одржи нивото на економија и да има благ пораст на номиналниот бруто-домашен производ, потребно е секоја година да се даваат стотици илјади, па можеби и милиони работни дозволи за мигранти.
„Така што, колку и да сакаат да ме исмејуваат, јас ќе останам на оние семејни политики, на многудетни семејства и на политиките што значат иднина за Македонија како држава и нови работни места за македонскиот работник и поконкурентна македонска економија, која ќе расте“, потенцира премиерот Мицкоски.