Трета победа за Алкалоид на Европски куп во шах
Шахистите на Алкалоид ја постигнаа и третата победа на исто толку натпревари на Европскиот клупски куп во шах во Будва, Црна Гора.
„Фармацевтите“ го совладаа Шахфројнде од Берлин, Германија, со 4,5:1,5.
– Веи и Ивиќ продолжија да демонстрираат одлична форма и донесоа рано водство на втората и на шестата табла со бели фигури. Следуваше триумфот на Еригаиси, Александар Инѓиќ се вклучи во тимот и рутински одработи реми со црни фигури за обезбедување победничко водство. Аравинд на третата табла се одлучи да жртвува пешак, но неговиот противник играше одлично, па на крајот, сепак, се бореше за реми, додека, пак, Пураник имаше обратна ситуација – подобра позиција со пешак предност, но не успеа да реализира. Конечните 4,5 : 1,5 се најреалниот резултат за овој меч, оцени ВМ Влатко Богдановски, капитен на ШК Алкалоид.
Покрај македонскиот шампион, уште десет екипи имаат максимални шест бода по првите три кола и влегуваат во четвртото коло со меѓусебно вкрстување.
Во четвртата рунда ШК Алкалоид ќе игра со седмиот носител, односно најдобро рангираниот клуб од Израел, Ашдод, кој е предводен од поранешниот играч на македонскиот тим, Павел Елјанов. Дуелот на двата тима ќе се игра на водечката прва маса.