Украина преговара со Турција за обнова на комерцијалната пловидба во Црното Море
Киев – Украина води преговори со Турција, Египет и Индија за повторно воспоставување на цивилната пловидба во Црното Море и извозот на земјоделски производи, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски за „Блумберг“, пренесува турскиот медиум „Хуриет Дејли Њуз“.
Според Зеленски, овие три земји понудиле да гарантираат безбедно минување на бродовите што пловат под нивно знаме, кон и од украинските и руските пристаништа, за транспорт на прехранбени производи. Предлогот опфаќа истовремено движење на бродовите кон пристаништата на двете страни, придружено со гаранции дека тие нема да бидат нападнати, објасни Зеленски.
Украинскиот претседател истакна дека Русија се противи на оваа иницијатива, и покрај апелите од Турција, Египет и Индија. Турција игра клучна улога во напорите да се обезбеди поморската трговија во Црното Море – прашање што е важно како за извозот на украинско жито, така и за регионалната безбедност на храната, наведува Хуриет.
Во меѓувреме, Зеленски соопшти дека Русија вчера истрелала 16 балистички ракети кон регионот на Киев, заедно со над 200 дронови насочени кон различни делови на Украина, додава турскиот медиум. Украинскиот претседател изјави дека Киев не добил никакво претходно предупредување од своите сојузници за претстојните напади врз енергетската инфраструктура.