РСБСП започнува со реализација на едукативната кампања „Учам – Полагам – Возам
Со цел младите навремено да се запознаат со одговорностите и обврските што ги носи управувањето со моторно возило, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – РСБСП започнува со реализација на едукативната кампања „Учам – Полагам – Возам“.
Кампањата е наменета за учениците од III и IV година во средните училишта, односно за младите кои се на возраст кога започнуваат или се подготвуваат за процесот на стекнување со возачка дозвола.
-Основната цел на кампањата е младите навремено да се информираат и едуцираат за тоа што значи да се биде возач, кои се условите и чекорите за стекнување со возачка дозвола, но и кои се одговорностите што произлегуваат од учеството во патниот сообраќај. Стекнувањето со возачка дозвола е значаен момент во животот на секој млад човек. Таа носи чувство на самостојност, мобилност и слобода, но истовремено носи и голема одговорност. Да се биде возач не значи само да се знае како се управува со автомобил. Да се биде возач значи да се знаат и почитуваат сообраќајните правила, да се препознаваат опасностите, навремено да се реагира и, пред сè, да се води сметка за сопствениот живот и за животот и здравјето на останатите учесници во сообраќајот- посочуваат од РСБСП.
Особено кај младите возачи, додаваат, искуството не може да се стекне преку ноќ. Затоа, почетокот на возачката кариера треба да биде проследен со внимателно и одговорно однесување, почитување на правилата и избегнување на секое непотребно преземање ризик.
-Прекршувањето на сообраќајните правила често започнува со навидум „мала“ грешка – малку поголема брзина, користење телефон за време на возењето, непочитување на сообраќаен знак, некористењето на сигурносен појас или управување со возило по консумирање алкохол. РСБСП континуирано укажува дека брзината и алкохолот се меѓу најсериозните ризици за безбедноста на младите возачи, додека неконцентрираното и дефокусираното возење дополнително го зголемува ризикот од сообраќајна незгода. Затоа, пораката на кампањата „Учам – Полагам – Возам“ е едноставна: Прво научи. Потоа положи. Потоа вози – одговорно – велатѕ од РСБСП.
Целта, како што посочуваат, не е само младите да станат возачи кои знаат да управуваат со моторно возило, туку да станат одговорни учесници во сообраќајот кои ги почитуваат правилата, ги препознаваат ризиците и ја разбираат вредноста на човечкиот живот.
-Со оваа кампања РСБСП продолжува со својата определба за континуирана едукација и превенција, особено кај младите како една од клучните целни групи во унапредувањето на сообраќајната безбедност. Едукацијата започната пред младите да седнат зад воланот е инвестиција во нивната безбедност, но и во безбедноста на сите останати учесници во сообраќајот. Затоа, заедничката порака на РСБСП до сите ученици е: УЧИ ЗА ДА ЗНАЕШ. ПОЛОЖИ ЗА ДА МОЖЕШ. ВОЗИ ЗА ДА СТИГНЕШ – БЕЗБЕДНО. „Учам – Полагам – Возам“ – ВОЗИ ОДГОВОРНО затоа што СЕКОЈ ЖИВОТ Е ВАЖЕН, нагласуваат од РСБСП.