Прв солистички концерт на Филип Гечовски во Филхармонија во спомен на трагично загинатите Петар, Адам, Марко и Ристе
Младиот гитарист Филип Гечовски во вторник (27 октомври) од 19 часот во Македонската филхармонија ќе го одржи својот прв солистички концерт. Тој е студент на трета година на Факултетот за музичка уметност во Ниш и со посветеност и усовршување го гради својот уметнички пат и придонесува за афирмација на класичната гитара.
Првиот солистички концерт Гечовски им го посветува на своите пријатели Петар Миланов, Адам Велков, Марко Ѓорѓиевски и познатиот оперски баритон Ристе Велков, првенец на Националната опера и балет, кои на 21 мај годинава загинаа во тешка сообраќајна несреќа на скопската обиколница.
Неговиот концерт, вели Гечовски, е за вечна благодарност и сеќавање и верува дека „секоја нота што ќе се слушне вечерта на концертот ќе стигне некаде горе до нив“, како потсетник за сите нивни недоживеани денови и соништа што останале да чекаат.

-Отсекогаш кога го замислував својот прв солистички концерт, во мислите ве гледав вас во првите редови. Знаев каде би седеле, ги замислував вашите погледи, вашите насмевки и она чувство дека сте тука, со мене, како и многупати досега. Сакав по концертот да ги споделиме впечатоците, да се насмееме и повторно да направиме некој од нашите планови за деновите што доаѓаа. Животот, за жал, го напиша својот план поинаку, пишува Гечовски во посветата за концертот.
Филип Гечовски е роден во 2005 година и почнал да изучува класична гитара на деветгодишна возраст. Студент е на трета година на Факултетот за музичка уметност во Ниш, во класата на професор Милош Јањиќ. Добитник е на повеќе награди на меѓународни натпревари по класична гитара, а учествувал и на неколку музички настани.