Хакерски напад врз сметки за електронска пошта на партијата „Алтернатива за Германија“


Германската десничарска популистичка партија „Алтернатива за Германија“ (АфД) соопшти дека хакери преку упад во системот на надворешен давател на хостинг-услуги, успеале да украдат податоци од неколку партиски сметки за е-пошта, пренесе ДПА.

„Во септември оваа година, преку хакерски напад врз еден од давателите на хостинг-услуги на нашата партија, неовластено биле копирани податоци од мал број сметки за е-пошта, од кои повеќето не биле користени со години“, соопшти АфД.

Од партијата појаснуваат дека со упадот не се засегнати пораките од централната партиска организација.

Неидентификувани лица ја објавиле содржината на пораките на Интернет, тврдејќи дека добиле пристап до речиси 421.000 електронски пораки. ДПА наведува дека нивната автентичност не е потврдена.

Според тврдењата на напаѓачите, податоците биле преземени од десет сметки за е-пошта, меѓу кои и од сметката на поранешниот лидер на АфД, Александер Гауланд.

АфД соопшти дека нападот бил брзо откриен и прекинат, а сите засегнати лица биле известени.

Партијата истражува и како на Интернет се појавила содржината, за која постои сомневање дека потекнува од украдените податоци. Првична проценка на објавените материјали ќе може да се направи дури по завршувањето на истрагата, соопшти АфД.