Над 3.000 продавници оштетени во Франција, штетата се проценува на стотици милиони евра
Париз – Најмалку 3.000 продавници се оштетени за време на насилните протести во Франција изминатиот викенд, што е двојно повеќе од првичните проценки, објави денеска „Еуроњуз“, повикувајќи се на податоци од француските власти.
Штетата за трговскиот сектор се проценува на стотици милиони евра, а осигурителните компании сè уште немаат објавено вкупна проценка за трошоците што ќе треба да ги покријат.
Меѓу погодените компании е и трговскиот гигант „Карфур“, кој пријавил оштетувања на 50 продажни објекти, од кои 20 биле ограбени.
Последиците од немирите се почувствуваа и на финансиските пазари. Францускиот берзански индекс CAC 40 вчера падна за 1,1 процент, додека акциите на „Карфур“ загубија 2,2 проценти од вредноста. Истовремено, приносот на десетгодишните француски државни обврзници се искачи на 4,94 проценти, што го зголемува притисокот врз задолжувањето на државата.
Дополнителен проблем за оштетените компании претставува осигурувањето. Иако голем дел од полисите покриваат материјална штета предизвикана од немири, надоместувањето на загубените приходи зависи од дополнителното осигурително покритие што го поседуваат компаниите.
Новите трошоци доаѓаат во чувствителен момент за француските јавни финансии. Буџетскиот дефицит за годинава се очекува да достигне 5,4 проценти од БДП, додека јавниот долг изнесува околу 119 проценти од БДП.