Промоција на „ИНА“ од Весна Мојсова-Чепишевска на 24 октомври


Книгата за деца „ИНА“ од Весна Мојсова-Чепишевска, со илустрации на Иванка НиБа, во издание на „Светулка“, ќе биде промовирана на 24 октомври 2026 година (сабота), во 12 часот, во „Лабораториум“. За книгата ќе говори Ана Јовковска, а во програмата со своја точка ќе учествуваат децата од „Доза среќа“.

Фото: Б. Грданоски

 Обликувана како дневник, приказната ја следи првата училишна недела на Ина. Од понеделник до недела, таа самата раскажува за средбите со другите деца, за своето семејство и за чувствата што ги носи со себе. Низ нејзините прашања и реакции, младите читатели можат да препознаат дел од своите доживувања, а возрасните да согледаат колку значење имаат навидум малите нешта во детскиот свет.

Кога црта куќа, Ина додава петти прозорец „за светлината да не се изгуби“. Во ваквите детали се открива нејзината фантазија, но и начинот на кој приказната ги приближува читателите до неа. Мојсова-Чепишевска го гради ликот на Ина преку зборови и постапки, со чувство за хумор и со внимание кон детските несигурности.

 Дневникот е и покана до читателите да раскажат нешто за себе. На последните страници, распоредени повторно од понеделник до недела, децата можат да пишуваат, да цртаат и да создаваат колажи. Нивните мисли и доживувања добиваат место меѓу кориците, па секој примерок може да стане поинаков, дополнет со приказната на детето што го чита.

Во својот критички осврт, Иван Антоновски ја определува „ИНА“ како „книгата што ни недостигаше“. Тој ги издвојува убедливиот детски глас, внимателно осмислената композиција и содејството на текстот и илустрацијата. Книгата нуди повод за заедничко читање и разговор за прифаќањето, за туѓите чувства и за потребата секое дете да биде сослушано.

Во рецензијата за илустрациите на Иванка НиБа, Марко Трпевски ја истакнува играта како суштинска одлика на ликовниот израз. Тој ја издвојува слободата со која цртежите ги надминуваат правилата на физиката и пропорциите, следејќи ја детската фантазија. Просторот околу фигурите и близината меѓу нив помагаат да се почувствуваат и училишната несигурност и топлината на семејните сцени.

 Весна Мојсова-Чепишевска е долгогодишна истражувачка и афирматорка на книжевноста за деца, авторка на „Клуч во клучалката на детството“ и „Од ‘Црвенкапа’ до ‘Џинџуџе’“. Со „ИНА“, нејзината посветеност на детето-читател добива израз и во сопствена книжевна приказна. Таа ја остава Ина да зборува за себе и им ја препушта радоста на откривањето на оние што ќе ја отворат книгата.

 На промоцијата, книгата првпат ќе биде достапна за читателите. Поканети се децата и нивните семејства, наставниците и сите љубители на книжевноста за деца.