Јужна Кореја ќе повлече уште службеници од дипломатската мисија во Украина поради спор со Киев
Јужна Кореја ќе повлече уште службеници од својата дипломатска мисија во Украина, откако не доби конструктивен одговор од украинската страна во врска со дипломатскиот спор за евентуалното префрлање на севернокорејски воени заробеници, соопшти јужнокорејското Министерство за надворешни работи.
– По повлекувањето на амбасадорот од Украина, мерка која не предизвика никаква конструктивна реакција од страна на украинските власти, и со оглед на постојаната закана од воздушни напади на целата територија на Украина, што го отежнува гарантирањето на безбедноста на дипломатскиот персонал, владата реши да врати дома дел од службениците во својата дипломатска мисија – соопшти Пак Ду-сун, портпарол на јужнокорејското Министерство за надворешни работи.
На почетокот на месецов Јужна Кореја информира дека го повлекува својот амбасадор од Киев, критикувајќи го украинскиот претседател Володимир Зеленски за тоа што јавно го спомена префрлањето во Сеул на двајца севернокорејски војници, заробени од украинската армија. Јужнокорејските власти бараа прашањето да остане доверливо.
Претседателот на Јужна Кореја Ли Џе-мјунг исто така побара официјално извинување од Украина, изразувајќи загриженост дека откривањето на доверливата информација може да ги загрози семејствата на воените заробеници.