Дронот што експлодира во Литванија бил украински, потврди литванскиот премиер
Дронот кој во неделата влезе во воздушниот простор на Литванија и експлодираше на нејзина територија бил украински и носел експлозивно полнење, потврди литванскиот премиер Миндаугас Синкевичиус.
Тој истакна дека земјата ќе побара од Алијансата дозвола за соборување беспилотни летала без претходна визуелна потврда.
– Сега е јасно дека ФПВ дронот, според нашите податоци, е од украинско потекло. Тоа го потврдуваат и остатоците од леталото, како и соопштението и информацијата од украинската страна дека контактот со еден од дроновите бил изгубен за време на нападот. Веројатно е дека токму тој дрон експлодираше на литванска територија. Нема двоумење дека носел експлозив – изјави Синкевичиус.
Тој додаде дека дронот влегол во територијата на Литванија од Шенген зоната (преку Полска). Тој додаде дека стручњаците во моментов истражуваат што го предизвикало падот на дронот. Засега се претпоставува дека бил попречен од руски системи за електронско војување.
Литванскиот премиер најави дека балтичката република ќе побара одобрение од НАТО за соборување на сите дронови кои неовластено ќе влезат во нејзиниот воздушен простор дури и пред да бидат визуелно идентификувани.