МОН појаснува кои учебници се повлекуваат од употреба, заменети се со нови
Министерството за образование и наука преку Педагошката служба спроведе низа активности со цел навремено обезбедување на учебници за учениците во јавните основни и средни училишта.
Во основно образование за учениците од I, II, IV и V одделение беа донесени Решенија за повлекување на учебници со што беа повлечени вкупно 33 учебници.
Учебниците се повлекуваат од употреба од следната учебна година, односно 2027/28 година. Станува збор за учебници кои во моментот се во петта година од употреба и за кои е евидентна потребата дека е потребно да се унапредат во поглед на квалитет како и да се осовременат во поглед на содржина. Министерството за образование и наука преку Педагошката служба објави Конкурс за учебници во основно образование за наведените одделенија преку кој ќе се обезбедат нови учебници кои ќе се користат од учебната 2027/2028 година.
Министерството за образование и наука во минатиот период по донесување на нови наставни програми обезбеди нови учебници за седмо и осмо одделение во основно образование, како и за прва и втора година во средно гимназиско образование. Со цел административно завршување на овие постапки беа донесени решенија за повлекување од употреба на вкупно 108 учебници кои претходно беа во употреба и тоа: во седмо одделение се повлечени 17 учебници, во осмо одделение 18 учебници во прва година 35 учебници, во втора година 38 учебници. Напоменуваме повлекувањето на овие учебници е со цел административно докомплетирање на спроведените постапки. Сега веќе се обезбедени и се употребуваат нови учебници, велат од МОН.
Во моментот активни се и конкурсот за учебници во IX одделение во основно образование како и трета година во средно гимназиско образование. Овие учебници исто така ќе бидат достапни на стартот на следната учебна година 2027/2028.
Следната година ќе се распишат и постапки за обнова на учебниците од трето и шесто одделение во основното образование и за четврта година гимназиско образование, со што реформата на основното и средното гимназиско образование во делот на нови наставни помагала, односно учебници ќе биде целосно заокружена во еден мандат од 4 години.