Дијамантска тијара, исчезната речиси 70 години, ќе се појави на аукција во Женева


Женева – Еден од понеобичните предмети што се појавиле на европскиот пазар за кралски накит во последниве години, следниот месец ќе биде понуден на аукција во „Сотбис“ (Sotheby’s) во Женева. Тијарата „Мелерио Орлеан“ (Mellerio Orléans) – дијамантска лента за глава изработена околу 1862 година, која не била видена цели 69 години – повторно се појави и ќе биде дел од аукцијата на „Кралски и благороднички накит“. Покрај неа, ќе бидат понудени и други значајни парчиња, вклучително и тијара што ја носела вдовицата војвотка од Девоншир на крунисувањето на кралицата Елизабета Втора.

Тијарата „Мелерио Орлеан“ е изработена од „Мелерио ди Меле“ (Mellerio dits Meller) – најстарата јувелирска куќа лоцирана на плоштадот Вандом во Париз – за Меѓународната изложба во Лондон во 1862 година. Како што наведуваат од „Сотбис“ во описот на предметот, тијарата е изработена во стилот на грчкиот препород, кој во тоа време бил популарен низ Европа. Инспирацијата делумно доаѓа од фактот што претходната година Наполеон Трети ја набавил античката колекција на грчка керамика „Кампана“ за музејот Лувр. Тијарата е украсена со дијаманти со „стар руднички“ (old mine-cut) и „розета“ (rose-cut) брусење, поставени во форма на меандар (познат и како „грчки клуч“), а дизајнирана е така што може да се трансформира од тијара во ѓердан.

Две години по изложувањето во Лондон, тијарата ја купил Антоан д’Орлеан, војвода од Монпансие. Тој бил најмладиот син на францускиот крал Луј Филип – последниот француски монарх што ја носел титулата „крал“ пред да абдицира за време на Француската револуција во 1848 година. Антоан ѝ ја подарил тијарата како свадбен подарок на својата најстара ќерка, Мари Изабел д’Орлеан, по повод нејзината венчавка во 1864 година со нејзиниот братучед Филип д’Орлеан, гроф од Париз и орлеанистички претендент за францускиот престол. Како негова сопруга, таа можела да стане кралица на Франција, доколку нивната лоза била вратена на власт. Франција нема монарх откако царот Наполеон III бил симнат од престолот во 1870 година, но прашањето кој има најсилно право на тој престол (кој веќе не постои) останува спорно до ден-денес, при што и Орлеанистите и Бонапартистите полагаат спротивставени права.

Кога Мари Изабел починала во 1919 година, тијарата преминала кај нејзиниот помлад син Фердинанд, војводата од Монпансие. Тој се оженил со шпанска аристократка во 1923 година и починал две години подоцна, оставајќи ѝ сè на својата сопруга, која пак починала во 1957 година. Дури по нејзината смрт, семејството Орлеан дознало дека таа, години претходно, тајно се омажила за својот личен секретар и нему му го оставила целиот свој имот.

Тијарата исчезнала во тој период и останала скриена од јавноста речиси еден век, пред повторно да се појави во една приватна колекција. Кога ќе започне аукцијата на 11 ноември, се очекува почетната цена да се движи меѓу 780.000 и 1.100.000 швајцарски франци (приближно од 946.149 до 1.334.313 американски долари).