Приватните автобуси повторно ги нема, скопјани се начекаа утрово


Фото: Б. Грданоски

Скопјани утрово беа оставени само на автобусите од јавниот градски превоз, додека приватните автобуси воопшто ги немаше.

Имено, дел од граѓаните се пожалија на социјалните мрежи. Еден жител на волково пишува дека  од 6:15 часот чекал автобус, а повеќе од 40 минути немало превоз.

„Приватните превозници изгледа не возат денес. Од 6:15 чекаме автобус. Во 6:47 замина од Средсело кон Лепенец автобус на ЈСП, значи околу 6:55 ќе тргне. 40 минути нема автобус“, се наведува во објавата.

До жителите е упатен и совет навреме да тргнат кон своите дестинации.

„Излезете порано ако сакате да не доцните денес“, додава авторот.

Слична беше и состојбата на другиот крај од градот, каде граѓаните чекаат автобус со број „23“, кој не сообраќаше утрово, па на работа и во училиште заминуваа со „5“, која се наполни веќе на втората станица, а до „рекорд“ веќе имаше карање и повишување тон меѓу патниците кои не можеа да најдат место ни за стоење. 

Ова не е првпат проблеми со приватните автобуски превозници да предизвикаат подолго чекање и нарушување на јавниот превоз во Скопје.

Во јуни 2025 година приватните превозници два дена не сообраќаа, тврдејќи дека ЈСП им должи повеќе од 150 милиони денари. Во сообраќај се вратија откако им беше исплатен дел од долгот и беше најавено продолжување на исплатите.

Нов проблем следуваше во октомври истата година, кога приватните превозници го скратија работното време и сообраќаа само од 5 до 10 часот наутро, повторно поради спор околу неисплатени обврски од ЈСП. Тогаш тие тврдеа дека доспеаниот долг изнесува 90 милиони денари.

Проблеми имаше и во февруари годинава, кога дел од приватните автобуси не можеле навреме да се вклучат во сообраќај поради технички дефект на АВЛ-опремата, односно ГПС-валидаторите. Подоцна беше соопштено дека дефектот е отстранет и сообраќајот е нормализиран.

За утринската состојба во Волково засега нема официјално соопштение со причините за пореткото сообраќање на приватните автобуси.