Дојави за бомби во училишта во Белград и Нови Сад: Учениците евакуирани од зградите
Заканувачки пораки пристигнале на електронските адреси на повеќе основни и средни училишта во Србија. Полицијата ги проверува објектите, а во дел од училиштата учениците се евакуирани од претпазливост.
Повеќе училишта во Белград и во Јужнобачкиот округ, вклучително и во Нови Сад, денеска, 19 октомври, добиле дојави за поставени бомби, објави „Еуроњуз Србија“.
Во Белград, пораките пристигнале околу 9:25 часот. Меѓу училиштата што добиле закани се основното училиште „Бранко Радичевиќ“ во Батајница и „Ѓура Даничиќ“ во населбата Браќа Јерковиќ, во општината Вождовац.
Родителите биле известени преку вибер-групи дека пристигнала дојава за бомба. Според известувањата што ги пренесува медиумот, учениците од претпазливост биле изведени во училишниот двор додека се чекало надлежните служби да ја проверат зградата.
Истовремено, заканувачки пораки пристигнале и во повеќе училишта во Јужнобачкиот округ. Во нив, според неофицијалните информации на „Еуроњуз Србија“, се тврдело дека во објектите се поставени експлозивни направи.
Припадници на српското Министерство за внатрешни работи ги проверуваат пријавите и вршат прегледи на просториите.