Студија: Во речиси сите европски градови расте бројот на смртни случаи поради жештините
Климатските промени сè посилно ги погодуваат европските градови и сериозно го загрозуваат здравјето на нивните жители. Смртноста поврзана со големите жештини расте во речиси сите градови, а посебно е погодена Јужна Европа, покажува новото научно истражување објавено во списанието The Lancet Public Health.
Истражувањето го спроведе конзорциумот Lancet Countdown Europe, кој анализираше 28 показатели поврзани со климата и здравјето во повеќе од 800 европски градови. Резултатите покажуваат дека жителите на европските градови се соочуваат со досега незабележан пораст на температурите, но и со сè поголеми ризици од заразни болести, алергии и изложеност на чад од шумски пожари.
Според истражувањето, смртноста поврзана со големите жештини помеѓу 2015 и 2024 година пораснала во просек за 82 смртни случаи на милион жители во споредба со периодот од 1991 до 2000 година. Пораст е забележан во 98,7 проценти од проучуваните градови. Најмногу се погодени градовите во Јужна Европа, каде што е забележан просек од 132 дополнителни смртни случаи на милион жители, што претставува зголемување од 161 процент.
Во Западна Европа се забележани во просек 64 дополнителни смртни случаи на милион жители. Авторите на истражувањето, предводени од Кетрин Тон и Хосе Чен-Сју од институтот ISGlobal во Барселона, предупредуваат дека градовите мора да преземат конкретни мерки за да го заштитат населението.
Порастот на температурите овозможува и ширење на комарците кои пренесуваат болести кои до неодамна беа карактеристични за тропските подрачја. Според истражувањето, просечниот ризик од пренос на денга треска во европските градови пораснал за 111 проценти помеѓу 2015 и 2024 година во споредба со периодот од 1981 до 2010 година.
Најголем пораст е забележан во Источна Европа, дури 369 проценти, додека во Западна Европа изнесувал 159 проценти. Ниту поладните делови на континентот не се поштедени од последиците на затоплувањето. Истражувањата спроведени во Германија покажуваат дека ризикот од пренос на бактерии од родот Vibrio помеѓу 2015 и 2024 година пораснал за 60 проценти во споредба со периодот од 1982 до 2010 година.