Полицијата изврши претреси на 47 локации во два дена, уапсени 16 лица


Фото: Б. Грданоски

 

Министерството за внатрешни работи соопшти дека во спроведената засилена полициска акција на територијата на целата држава, во текот на 16 и 17 октомври, биле извршени 47 претреси, а 16 лица биле лишени од слобода.

Акцијата ја спровел Одделот за криминалистичка полиција, во координација со секторите за внатрешни работи и Единицата за службени кучиња, со фокус на откривање и сузбивање на криминалот, особено недозволената трговија со дрога и нелегалното поседување оружје.

При претресите биле пронајдени и одземени поголема количина марихуана, повеќе пакувања со кокаин, како и помали пакувања со кокаин подготвени за понатамошна продажба. Исто така, беа пронајдени и одземени огнено оружје – пиштоли и пушки, разновидна муниција, парични средства и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривични дела.

Во рамки на акцијата од слобода биле лишени 16 лица, а поднесени се 11 кривични пријави за кривичните дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по член 215 и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по член 396 од Кривичниот законик.