Гори најголемата канадска воена база, има многу загинати и ранети
Има загинати и повредени во голем пожар што избувна во канадската воена база „Вејнрајт“ во провинцијата Алберта, потврди канадскиот министер за одбрана Дејвид Мекгинти.
Околностите под кои избувнал пожарот и точниот број на жртви сè уште не се официјално потврдени, додека воените и локалните власти работат на справување со вонредната ситуација. Според медиумски извештаи кои се повикуваат на неименувани воени извори, пожарот избувнал за време на воена вежба со боева муниција, а медицинските установи се подготвуваат да примат голем број повредени лица, пренесува Би-Би-Си.
Мекгинти не ја потврди причината за пожарот ниту бројот на жртвите. Воената база „Вејнрајт“, каде што се случил пожарот, е еден од најголемите воени полигони за обука во земјата. Канадската телевизиска мрежа Глобал њуз, повикувајќи се на неименувани воени извори, објави дека најмалку седум лица загинале, а десетици се повредени откако за време на вежба со боева муниција бил погоден гасовод или гасна бушотина.
Канадскиот премиер Марк Карни изјави дека се случил „сериозен инцидент“, кој „предизвикал голем пожар“. Ворен Тирск, лекар во одделот за итни случаи во болницата „Ројал Александра“ во Едмонтон, ја коментираше ситуацијата: „Имаме повеќе пациенти отколку што некој од нас би сакал да брои во моментов. Ова е катастрофа – од оние што се случуваат еднаш на секои 15 до 25 години“, изјави Тирск.
Откако пожарот избувнал во саботата, тој „брзо се проширил поради силните ветрови“ и ја пробил заштитната ограда на воената база. Министерот за одбрана им изјави на новинарите дека „не може да се сети на сличен инцидент во поновата историја“.
Точното време на избувнување на пожарот не е познато, но првите информации за инцидентот беа објавени околу 17,30 часот по локално време. Локалните власти ги повикаа жителите да ја избегнуваат областа зафатена од пожарот и да овозможат непречено движење на сите возила на итните служби.