Триесетина олдтајмери изложени во Кочани во рамки на „ВМ Класик источно рели“
На паркингот кај Трговскиот центар во Кочани денеска се одржа изложба на олдтајмери, автомобили што учествуваат во „ВМ Класик источно рели“, завршната етапа од Државното првенство во автомото рели со историски возила.
Пред посетителите беа изложени триесетина автомобили од различни модели и генерации, кои привлекоа интерес кај љубителите на автомобилската историја. Изложбата беше отворена за сите заинтересирани граѓани, кои имаа можност одблизу да ги разгледаат старите автомобилски класици.

„ВМ Класик рели“ е официјалното Државно првенство во автомото рели со историски возила во Македонија. Настанот го организира Олдтајмери клубот „ВМ Класик Скопје“, под покровителство на Националната федерација за историски возила.

Државното првенство е поделено во неколку регионални натпревари (етапи) во текот на сезоната, каде што сопствениците на олдтајмери се натпреваруваат во рели-прецизност и во трки со пречки во вешто возење, познати како „ретрокана“.
„ВМ Класик источно рели“ е завршната етапа во шампионатот, а рутата води кон источниот дел на Македонија со пауза и изложба во Кочани.