Песни, пораки и градина на Детската улица во чест на Тоше
На дел од паркот, веднаш до училиштето „Лазо Ангеловски“ никна градина посветена на Тоше Проески, од чија прерана смрт денеска се навршуваат 19 години.

Околу градината во која со разнобојни цвеќиња е испишано името на Тоше, има клупи,и неколку дрвца. По Детската улица која го носи името на прерано загинатиот македонски поп пејач, каде има и фонтана со споменик, учениците поставија повеќе пораки за добрина, за љубов и цртежи од ликот на Тоше.

Училиштето со поддршка на родителите на учениците и општината, денеска организираа настан на кој беше отворена градината, а потоа со бројни македонски пејачки ѕвезди, меѓу кои и Ламбе Алабаковски, браќата од „Некст Тајм“, Филип Божиновски, Владимир Поповски, Бојана Арсовска, Тамара Волчевска и други, ги испеаја најголемите незаборавни хитви на Тоше Проески. Пееја и деца од хорот при училиштето, следени од мандолинскиот оркестар, како и повеќе музички таленти – аматери.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески порача дека има луѓе кои никогаш не заминуваат, затоа што нивната љубов и добрина продолжуваат да живеат во нашите срца. Тоше Проески е симбол на хуманоста, искреноста и љубовта што ги обединува генерациите.
Претходните денови, ООУ „Лазо Ангеловски“ со учениците и со помош на родителите организираа повеќе настани во кои правеа добри дела, со што помагаа во заедницата и се учеа на она со што живееше Тоше – добрината.
НИту едно дете кое учи во ова основно училиште не го знае Тоше, затоа што едноставно, тие не биле родени кога Проески беше балканска ѕвезда, но велат, неговите песни ги сакаат и ги учат. Тоа и не им е тешко ако се знае дека на Детската улица која почнува од излезот од нивното училиште постојано се емитуваат песните на Тоше.(Б.Б.)