Јанев најави реформи во полицијата: Дигитализација, нови оперативни алатки и интервентни тимови


Дигитализација, нови оперативни алатки, реорганизација и формирање интервентни тимови во регионалните сектори се дел од планираните промени во полицијата, објави 4news.mk За овие активности и предизвиците во секојдневното работење се разговараше на работна средба во Велес, на која директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, се сретна со раководните структури на полицијата.

На средбата, одржана на 16 октомври, присуствуваа раководители на секторите за внатрешни работи и униформираната полиција, командири на полициските станици и раководители на полициските одделенија од СВР Струмица, Велес, Штип, Куманово и Скопје, како и претставници на Регионалните центри за гранични работи Север и Исток.

Во фокусот на разговорите беа актуелните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници, нивните потреби и планираните реформи насочени кон зголемување на ефикасноста и професионалноста на полициското работење.

Јанев ја претстави визијата за развој на полицијата на краток, среден и долг рок, со акцент на воведувањето современи технологии, нови оперативни алатки, реорганизација на работата и дополнителни инвестиции.

Посебно внимание било посветено на воспоставувањето нови интервентни тимови во регионалните сектори, кои треба да придонесат за подобра оперативна подготвеност и поефикасно постапување на терен.

На средбата била нагласена и важноста на човечкиот потенцијал, координацијата меѓу организациските единици и непосредната комуникација како предуслови за успешно спроведување на реформите.

Директорот на БЈБ истакнал дека секој полициски службеник има значајна улога во функционирањето на безбедносниот систем, а промените и инвестициите треба да донесат подобри услови за работа и поквалитетни услуги за граѓаните.

Целта на планираните активности е изградба на модерна, професионална, транспарентна и одговорна полиција, која ќе биде поблиску до граѓаните, ќе ја зајакнува нивната доверба и ќе придонесува за повисоко ниво на безбедност во државата.