Стојко Рамов е нов претседател на СОНК, најави нови колективни договори
Стојко Рамов е избран за нов претседател на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Македонија (СОНК) на денешниот VIII редовен конгрес на синдикатот. На функцијата доаѓа по 16 години раководење на Јаким Неделков.
Како главни приоритети во претстојниот период, Рамов ги најави потпишувањето колективен договор за детската заштита и склучувањето нов колективен договор за културата, со цел подобрување на економско-социјалниот статус на вработените.
„Ќе се залагам за враќање на достоинството на просветните работници и нивно поставување на местото што го заслужуваат во ова општество. Во претстојниот период треба да се потпише колективен договор за детската заштита и нов колективен договор за културата, така што нѐ чека многу работа“, изјави Рамов.
Тој посочи дека постигнувањето договори зависи од двете страни во преговорите и дека е потребно да се најде заемно прифатливо решение.
Досегашниот претседател на СОНК, Јаким Неделков, на конгресот истакна дека, покрај сумирањето на резултатите од изминатиот петгодишен период, се очекуваат и промени во раководството. На настанот присуствуваат околу 270 делегати од целата држава.
Неделков оцени дека социјалниот дијалог треба да продолжи, а преговорите да завршат што е можно побрзо. Според него, дел од прашањата се усогласени, но одредени економски околности го попречиле целосното завршување на разговорите.
Тој посочи дека во областа на детската заштита е потребна дополнителна работа, вклучително и измена на одредби од Законот за заштита на децата и на колективниот договор. Предизвици, како што наведе, има и во културата, особено во однос на системот за исплата на платите.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, оцени дека досегашната соработка со СОНК придонела за спроведување на образовните политики. Таа му се заблагодари на досегашното раководство на синдикатот и го издвои четиригодишниот план за континуирано зголемување на платите на наставниците, кој, според неа, треба да продолжи и во март следната година.
Јаневска посочи дека заеднички се работело и на кариерното напредување на наставниците, подобрувањето на условите за работа и намалувањето на административните обврски.